Боледувањето на судијата Ставрев го одложи рочиштето за „ТНТ“

Денешното рочиште на случајот „ТНТ“ на Специјалното јавно обвинителство е одложено за 30 август бидејќи судијата кој го води предметот, Огнен Ставрев, е на боледување..

На претходното рочиште од страна на поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, кој е обвинет во случајот „ТНТ“ побара за предметот изземање на специјалната обвинителка Катица Јанева, заради сомнеж за поврзаност со предметот „Рекет“. Според адвокатот Еленко Миланов, се уште не е доставен одговор во врска со ова барање.

Случајот „ТНТ“ се наоѓа во доказна постапка, а на последното рочиште беа сослушани сведоци предложени од одбраната.

Меѓу обвинетите во случајот се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот градоначалник на Општина Гази Баба, Тони Трајковски, како и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески. Според обвинението на СЈО, тие во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривањето на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top