Датум за во ЕУ, судир на СДСМ и ВМРО

Датумот за отпочнување на преговори со Европската Унија повторно ги разгоре страстите кај ВМРО – ДПМНЕ и СДСМ..

Како се ближи јуни, така опозицијата жестоко ја напаѓа власта дека земјава нема да добие датум. 

Како причина, во партиското соопштение го наведуваат, криминалот на власта, кој според ВМРО – ДПМНЕ е приоритетен во однос на реализацијата на проекти.

„Пратеници кои одлучуваат за суштински прашања нарачуваат наркотици по телефон, одговорност нема. Долгот расне, граѓаните се повеќе осиромашуваат, одговорност нема од Министерот за финансии. Македонија тоне на листата за корупција, а Заев и Анѓушев си делат тендери и нормално одговорност нема. Сето ова неодговорно и криминално владеење го гледаат меѓународните претставници и сосема очекувано, како што нема одговорност ќе нема ниту датум за преговори во јуни“, изјавија од ВМРО – ДПМНЕ.

СДСМ одговори на обвинувањата на опозицијата. Владејачката партија смета дека ВМРО – ДПМНЕ навива да нема датум за преговори со ЕУ и земјава да се врати во изолација.

„Поддршка за интегрирање  на земјава во НАТО алијансата и Европската Унија доаѓаат од сите страни. Веќе 13 држави го ратификуваа Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО. Само поразената ВМРО ДПМНЕ останува осамена да навива за недобивање на датум за почеток на преговори, да урла против напредокот на земјава. Наместо лицемерно да зборува за правда, ВМРО ДПМНЕ да го поддржи продолжувањето со работа на СЈО и да побара расчистување на криминалот на ВМРО ДПМНЕ и режимот на Никола Груевски, кој се уште го брани“, велат од СДСМ.

Еврокомесарот Јоханес Хан во интервју за Дојче Веле посочи дека Северна Македонија дефинитивно заслужува отпочнување на преговорите со ЕУ пред да започне летото. Хан меѓу другото порачува дека земјава испорачала реформи кои ги бара Европскиот Совет, а го посочи и договорот од Преспа и решението на деценискиот проблем со Грција.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top