Датумот за избори „поважен“ од датумот за преговори

Неизвесноста што деновиве постојано се зголемуваше во Брисел во однос на одлуката за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ ја продлабочи и неизвесноста во Скопје за тоа во кој правец ќе се одвиваат процесите..

Во таква атмосфера опозицијата предвреме го испорача барањето за предвремени избори, додека владината делегација во Брисел до последен момент испорачуваше дози на оптимизам за можен пресврт во однос на отпорот на Франција.

Додека од „Бихаќска“ се пуштаа сигнали во јавноста дека октомври следната година останува најоптимален термин за одржување на десеттите парламентарни избори, независно од исходот од европскиот самит, политички набљудувачи не исклучуваат можност од вонредни избори напролет, сеедно дали Северна Македонија ќе исчекори во следната фаза од процесот на интеграција во ЕУ или и овој пат ќе остане во чекалницата.

Александар Кржаловски од МЦМС смета дека и во двата случаи се можни предвремени избори напролет следната година. Како што објаснува, премиерот Зоран Заев се врати од Брисел со одлука за почеток на преговорите, на владејачката коалиција би ѝ одговарало уште во март да излезе на избори за да го валоризира успехот во евроинтегарцискиот процес. Ако, пак, отпорот од страна на Франција се покаже како пресуден за нашата земја да не премине во следниот стадиум од процесот на интеграција во ЕУ, тогаш Кежаровски смета дека владејачката коалиција, и покрај досегашните противења, тешко ќе може да се справи со притисокот на опозицијата за изборно соочување.

– Ако нема одлука за почеток на преговорите, тогаш извесно е дека ќе има застој на сите важни процеси на внатрешно-политички план. Во таква ситуација тешко дека ќе може да се донесе законот за јавно обвинителство или да се спроведе пописот, така што владејачката коалиција ќе биде принудена да го прифати предизвикот и да излезе на избори – оценува Кржаловски.

Поранешниот функционер на СДСМ, Гордан Георгиев, пак, вели дека избори нема ништо суштинско да смената. Според него, ако нема исчекор на следното скалило од интеграцискиот процес, политичките елити треба да седнат и да се договорат што понатаму.

Премиерот Зоран Заев деновиве испрати неколку пораки дека владата на СДСМ и на ДУИ „ќе биде мртва“ ако не добиеме датум за почеток на преговорите, со што ќе се доведе во прашање парламентарното мнозинство. Но ваквите изјави, во политички кругови, главно, се толкуваат како пораки упатени до европските лидери, посебно до Франција, за можните последици од новото „вето“ за интеграциските процеси на земјава. Од друга страна, непосредно пред заминувањето за Брисел, Заев изјавуваше дека ако нема датум нема ни предвремени избори.

Проценките во политички кругови се дека исходот од европскиот самит нема да има големо влијание на стабилноста на владејачката коалиција. Поточно, не се очекуваат поголеми разидувања меѓу СДСМ и ДУИ, кои на своја страна ги имаат аргументите дека се исполнети речиси сите критериуми што ги постави ЕУ и дека земјава сега е колатерална штета на отпорот на францускиот претседател Емануел Макрон кон проширувањето. Сепак, не се исклучува можноста притисокот од опозицијата да биде иницијална каписла за излегување на брзи избори. Двете опозициски партии од албанскиот блок, Беса и Алијансата на Албанците, излегоа со многу слични позиции со ВМРО-ДПМНЕ во однос на потребата да се формира техничка влада, согласно со Пржинскиот договор, и да се организираат предвремени избори, доколку нема датум за почеток на преговори, што би значело своевидно делегитимирање на владејачката коалиција.

Заменик-претседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, вчера ја убедуваше јавноста дека коалицијата на „Илинденска“ е стабилна, така што посочи дека партнерите во владата имаат консензус по двете стратегиски прашања – членство во НАТО и членство во ЕУ. Покажавме, рече Шекеринска, дека и на двете полиња имаме резултати.

– Не гледам никаква причина да се создадат дилеми во владината коалиција заради тоа што пораката е дека ние го завршивме нашиот дел од задачите, што е драматично различно од ситуациите пред неколку години – вели Шекеринска

Алудирајќи на ВМРО-ДПМНЕ, таа рече дека единствените што повеќе се грижат за иднината на Владата отколку за иднината на државата се оние што не донесоа во ситуација, 14 години од добивањето на кандидатскиот статус, ние да сме државата која нема почнато преговорите. Според Шекеринска, тоа е неодговорно и недржавничко однесување.

– За само две години, успеавме од држава која немаше никаква, ни европска, ни НАТО-перспектива, да станеме држава која е пред членството во Алијансата и за која првпат, по 2005 година, ќе дискутираат премиери и претседатели и ќе носат одлуки. Единствената бариера што стои меѓу нас и почетокот на преговори со ЕУ не се нашите задачи, тоа го кажа дури и најскептичната земја – Франција. Од наша страна задачите се завршени. Единственото што денес стои меѓу нас и почетокот на преговори е реформата што ја предвидува Франција – нагласи Шекеринска.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, и вчера настапуваа со тези дека СДСМ, со своето владеење, ја загрозил европската иднина на државата. Од партијата велат дека премиерот Заев е директно виновен за евентуално недобивање датум за почеток на преговори.

– Македонија треба да добие датум за почеток на преговори заради иднината на државата и граѓаните. Но СДСМ во секој случај треба да си замине. СДСМ не е способен да ги преземе реформите што се нужни ниту, пак, може да ја придвижи државата напред. Потребни се предвремени парламентарни избори, час поскоро – велат од ВМРО-ДПМНЕ.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top