ДИК ќе ги објави конечните резултати од изборите

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на јавна седница треба да ги објави конечните официјални резултати од предвремените парламентарни избори одржани на 15 јули..

Потоа на свечена седница ќе им бидат врачени уверенијата за мандатите на новоизбраните пратеници. Објавувањето на конечните резултати доаѓа откако Управниот суд вчера ги одби сите 185 тужби од политичките партии за предвремените парламентарни избори и ги потврди решенијата на Државната изборна комисија (ДИК).

Одбивањето на тужбите значи дека нема промена во првичните резултати, па така коалицијата предводена од СДСМ ќе има 46 пратеници, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ - 44, ДУИ - 15, Алијансата за Албанците и Алтернатива - 12, Левица два пратеника и еден од ДПА.

Следно на тема избори е конститутивната седница, што треба да се одржи најдоцна 20 дена од изборите, односно до 4 август. Седницата ја свикува претседателот на собранието од претходниот состав Талат Џафери, кој моментално е во болница.

Откако Парламентот ќе се конституира претседателот на државата има рок од 10 дена да му го даде мандатот за состав на влада на партијата која има мнозинство пратеници. Мандатарот има рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието да му поднесе програма и предлог состав на Владата.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top