ДИК не е надлежна да дава мислење за новиот шеф на СВР Скопје

Ристо Ставрески најверојатно ќе остане шеф на скопската полиција..

Државната изборна комисија денеска се прогласи за ненадлежна да одлучува која страна е во право, министерот за внатрешни работи кој го назначи или дополнителната заменик-министерка која се спротивставува и не го потпишува решението на министерот. „Одлуката за раководни позиции не претставува акт или документ поврзан со правните, финансиските или кадровските прашања поврзани со организирањето на изборите“, велат од ДИК. Претседателот на оваа институција, Оливер Деркоски, пред новинарите изјави дека назначувањата на 15 лица од страна на министерот е дозволено со закон.

Дополнителната заменик-министерка, Славјанка Петровска ќе го разгледа целосното појаснување на ДИК пред да преземе понатамошни чекори. Таа вели дека во принцип тврди оти лицата кои во минатото влијаеле врз изборниот процес не треба да бидат назначувани на клучни места.

Славјанка Петровска, дополнителна заменик-минитерка

„Но, ова покажува дека опозицијата за жал, сè уште не е ослободена од минатото. Целта на оваа Влада е да овозможи фер и демократски избори и мојата цел не е да го блокирам овој процес. Именувањето на функцијата дополнителен заменик е гаранција дека волјата на граѓаните мора да се почитува и какво било влијание ќе биде казнето.”

Сепак, Ристо Ставревски за неа останува неприфатлив затоа што се слуша во „бомбите“ во контекст на изборни нерегуларности. Премиерот и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски ги повика раководните лица на МВР да седнат и да разговараат за проблемите. Тој верува дека ваквите пропусти се должат на недостигот на добро познавање на владиното право или на дневна политика.

Од ВМРО-ДПМНЕ се надеваат дека министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, нема да се откаже од кандидатурата на Ставревски.

Во изминатите неколку денови шефовите на МВР Чулев и Петровска имаа низа судири, почнувајќи од новите назначувања до клучните сектори, безбедносните лица, употребата на возилата и друго. Слична ситуација имаше и пред парламентарните избори во 2016 година. Тогашниот дополнителен заменик-министер за внатрешни работи, Митко Чавков се жалеше во ДИК за трите назначувања на тогашниот технички министер, Оливер Спасовски. И тогаш ДИК се прогласи за ненадлежна да одлучува за тие прашања.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top