Димитров: Не е мудро да се брчка во душата, македонскиот јазик е наша работа, не ни требаат печати од други држави

Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров во интервју за „360 Степени“ коментирајќи ги односите со Бугарија, одговараше на прашање дали за него е прифатливо јазикот да биде именуван како македонски јазик со астерикс.

„Билатералниот договор со Бугарија е целосно реципрочен. Каква е формулацијата за македонскиот јазик, таква е и за бугарскиот јазик, согласно уставите на двете земји. Мислам дека не е нескромно и е сосема легитимно да очекуваме од тие што сакаат да бидат блиски со нас, од нашите комшии и први соседи, како што почнува Крушевскиот манифест – драги комшии и мили соседи… да бараме третман којшто нема да не носи во една непријатна ситуација. 

Да не бидеме исклучок од правило. Ние заслужуваме нашите соседи и комшии да не не ставаат во ситуација да имаме некаква си фусноста. И во таа смисла македонскиот јазик, којшто се разбира е во согласност со уставот, но и со направената кодификација, е наша работа. Нас не ни требаат печати од други држави, признавања или непризнавања. 

И како што ние не се мешаме во работи што можеби им се свети или многу важни на нашите комшии, мислам дека е легитимно да очекуваме ист третман и кон нас. И затоа, ако Бугарија вистина сака да има пријател овде, мора да води мудра политика кон нас. И не е мудро да се брчка во душата на некој начин. 

Значи, наша работа е тоа, наше чувство, наш историски процес и мора да има тука свест од таа страна. Јас сум убеден дека оваа позиција околу македонскиот јазик не само што е директно спротивна на Европа, на европските вредности, туку е директно спротивна на мисијата што ја почнавме заедно. А таа е да бидеме блиски и да гледаме на историјата така за таа да не поврзува и денес“, вели Димитров.

Извор: 360 Степени


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top