Две илјади американски војници ќе учествуваат во најголемата воена вежба во државата

По предлог на Министерството за одбрана, Владата на денешната седница ја разгледа и прифати информацијата за изведување на воената вежба „Одлучен удар“ на Армијата и Командата на US EUCOM.

Поради ова, Владата донесе одлука за одобрување за влегување и престојување припадници на странски вооружени сили на територијата на државата заради изведување на вежбовната активност „Одлучен удар“, која во неколку фази ќе се спроведе од 20 мај до 15 јули оваа година.

Според информацијата усвоена на денешната седница, станува збор за најголема воена вежба која кога било е организирана во нашата држава и во која на практичен и видлив начин ќе се манифестира сојузничката поддршка за членството на земјата во НАТО.

„На вежбовната активност е предвидено, освен учеството на 2.000 припадници на нашата армија, и активно учество на 2.000 припадници на вооружените сили на Соединетите Американски Држави и 400 вида моторни возила, 25 припадници на вооружените сили на Република Албанија и 10 вида моторни возила, 25 припадници на вооружените сили на Република Бугарија и 10 вида моторни возила, 25 припадници на вооружените сили на Република Литванија и 100 припадници на војската на Црна Гора и 20 вида моторни возила“, информираат од владината прес-служба.

Од таму појаснуваат дека вежбовната активност е насочена кон постигнување интероперабилност на припадниците на вооружените сили на земјите учеснички.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top