Ердоган до Курдите: Ако не се повлечете, ќе ви ги скршиме главите

Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган им се закани на курдските борци дека ќе им ги „скршат главите" доколку не се повлечат од североисточна Сирија пред истекот на рокот на привремениот прекин на огнот..

„Ако успее, успее. Ако не, ќе продолжиме да им ги кршиме главите на терористите во моментот штом истечат договорените 120 часа“, рече Ердоган пред своите симпатизери во анадолскиот град Кајсери, пренесе Ројтерс.

„Ако ветувањата што ни беа дадени не се запазат, нема да чекаме како што направивме порано и ќе ја продолжиме операцијата таму каде што застанавме, штом истече времето што го поставивме“, рече Ердоган, салутирајќи пред собраната толпа, која воодушевено го поздрави.

Ова е второ предупредување на Ердоган за помалку од два дена дека ќе ги продолжи воените операции.

Целта на петдневниот прекин на огнот е да им овозможи на курдските борци да се повлечат од „безбедносната зона“, како што побара Анкара.

Двете страни денес меѓусебно се обвинија за нарушување на примирјето.

„Турците продолжуваат да ги напаѓаат нашите сили, а Американците имаат целосна одговорност за тие напади затоа што не вршат притисок врз Турција“, рече командантот на Сириските демократски сили (СДФ), Мазлум Абди.

Склучениот договор „содржи одредба да се отвори коридор за повлекување под покровителство на Соединетите Американски Држави“, рече тој.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top