Гласачите во Венето и Ломбардија се изјаснија за поголема автономија

Жителите на двата богати северни италијански региони Венето и Ломбардија, на вчерашните референдуми со огромно мнозинство се изјаснија за поголема автономија од централната Влада во Рим..

Според првичните резултати од гласањето, кое заврши на полноќ, околу 90 проценти од избирачите во двата региони што го искористија своето гласачко право, се изјасниле за поголема автономија.

Излезноста во Венето била меѓу 57 и 61 отсто, а во Ломбардија околу 40 проценти.

По објавувањето на ваквите податоци, претседателот на Венето, Лука Ѕаја од автономистичката партија Северна лига (ЛН), оцени дека овие резултати се „прекрасни“.

– Венето се претвори во лабораторија за автономија, додаде Ѕаја.

Тој соопшти дека при пребројувањето на резултатите, Комисијата за спроведување на референдумот била цел на хакерски напад.

– Имавме три нивоа на безбедност, од кои две беа пробиени од хакери. Во моментов сме делумно блокирани и сега со секоја општина сме во контакт преку телефон, изјави Ѕаја, додавајќи дека конечните резултати од референдумот ќе бидат познати за неколку часа.

Сопартиецот на Ѕаја, претседателот на Ломбардија, Роберто Марони, изјави дека по референдумите двата региони можат да ги здружат силите „за поведување на борбата на векот“.

Според најавите, Ѕаја и Марони во следниве денови ќе побараат од регионалните совети да испратат делегации во Рим на средби со италијанскиот премиер Паоло Џентилони.

Со референдумите жителите на двата региони се изјаснија за предлозите за поголеми надлежности на регионалните власти во сферата на миграцијата, безбедноста, образованието и животната средина, како и за задржување поголем дел од даночните приходи во регионалните буџети.

Референдумите имаат консултативен карактер и нивните резултати нема да бидат обврзувачки за Владата во Рим, бидејќи според Уставот на Италија степенот на автономија на регионите се регулираат само преку прегооври меѓу централните и регионалните власти.

Италија има 20 региони од кои пет – Трентино-Алто Адиџе (Јужен Тирол), Вале Д’Аоста, Фрули-Венеција Џулија, Сардинија и Сицилија, поради историски или географски причини имаат повисок степен на автономија од останатите 15.

Во Венето и Ломбардија живеат речиси една третина од вкупниот број жители на Италија и овие два региони создаваат значителен дел од италијанскиот брутно домашен производ.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top