Грчкиот министер за одбрана си поднесе оставка поради договорот за името со Македонија

Грчкиот министер за одбрана Панос Каменос поднесе оставка во знак на протест против договорот за името со кој беше ставен крај на долгогодишниот спор со Македонија, што ја доведува во прашање иднината на владината коалиција..

Каменос, чија десничарска партија Независни Грци ја поддржува владата на Алексис Ципрас од 2015 година, од старт се спротивставуваше на договорот што Атина и Скопје го потпишаа минатата година.

„Проблемот со името Македонија не ми дозволува да не ја жртвувам министерската функција“, изјави Каменос по денешниот состанок со Ципрас.

Тој најави дека од владата ќе ги повлече и останатите шест министри што ги дава неговата партија.

Изборите во Грција се закажани за октомври. Моментално, коалицијата на Ципрас има 153 пратеници во парламентот кој брои 300 места.

Откако Собранието на Република Македонија на 11 јануари ги усвои уставните измени согласно Договорот од Преспа со кои името на земјата е Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност, грчкиот Парламент треба да го ратификува Договорот, со што ќе се деблокира постапката за влез на Македонија како 30. членка на НАТО.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top