И покрај тандемот од 400 милиони на ПСЖ, најскапиот тим е во Англија, а Реал не е ни во топ 5

ПСЖ дефинитивно најавува промена на фудбалскиот поредок во Европа. „Светците“ ова лето потрошија како никогаш претходно..

Најпрво на „Паркот на принцовите“ пристигна Нејмар кој беше платен неверојатни 222 милиони евра и тоа е најскапиот трансфер во историјата. Но, тоа не беше се од парискиот гигант. Пред самиот крај на преодниот рок пристигна и суперталентираниот француски фудбалер Килијан Мбапе, најпрво на позајмица, а идното лето за него ПСЖ ќе плати 180 милиони евра.

Сепак, иако многумина би помислиле дека ПСЖ сега го има најскапиот тим во светот, со оглед на тоа дека во тимот, покрај Нејмар и Мбапе, има ѕвезди како Верати, Дракслер, Кавани, Тијаго Силва, Дани Алвес и останатите, сепак најскапиот тим се натпреварува во Премиер лигата и тоа е Манчестер Сити.

Тоа делува како изненадување, со оглед на тоа дека пред „Граѓаните“ многумина би очекувале да бидат Реал Мадрид, Барселона, Јувентус, Баерн Минхен, па и Манчестер Јунајтед. Но, тоа не е така.

Според, истражувањето кое го направи швајцарскиот Меѓународен института за истражување во спортот (ЦИЕС), Сити ова лето на засилувања потрошил 237 милиони евра, па моменталната вредност на тимот на „Граѓаните“ е 853 милиони евра. Сето тоа се должи на фактот што Гвардиола на секоја позиција има барем по двајца скапи фудбалери.

Тоа значи дека екипата на Сити е три милиони евра поскапа од онаа на ПСЖ, чија вредност изнесува 850 милиони евра.

Манчестер Јунајтед се наоѓа на третото место на листата на најскапи тимови, а екипата на „Црвените Ѓаволи“ во моментов вреди 784 милиони евра. Инаку, Манчестер Јунајтед минатата година го зазеде првото место на оваа листа, но вредноста на екипата од „Олд Трафорд“ ова лето порасна за „само“ 73 милиони евра, па Сити и ПСЖ оваа година го престигнаа тимот на Мурињо.

Треба да се истакне дека клубовите од Премиер лигата доминираат кога станува збор за најскапи екипи, па во Топ 10 се наоѓаат дури шест англиски клубови.

На четвртото место е Челзи со вкупна вредност од 644 милиони евра, а топ 5 ја затвора Барселона со вкупна вредност од 628 милиони евра.

Интересно, актуелниот европски шампион и екипата која за првпат во историјата успеа да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, Реал Мадрид, се наоѓа на шестата позиција со „само“ 497 милиони евра вредност на играчкиот кадар, што е над 350 милиони помалку од Сити и ПСЖ.

Очигледно, двајцата најдобри фудбалери на денешницата, Кристијано Роналдо и Лионел Меси, не се доволни за шпанските гиганти да се најдат на врвот.

На седмото место е Јувентус со вредност од 470 милиони евра, следуваат Ливерпул со 437 милиони евра, Арсенал со 416 милиони, а топ 10 листата ја затвора Тотенхем со вредност од 361 милиони евра.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top