И Ристовска може да се бори за шеф на новото СЈО

Премиерот Зоран Заев, информирајќи за новината, пак истакна дека предлага на чело на ова обвинителство да застане обвинителката Вилма Русковска..

Министерството за правда денеска го објави новиот Предлог на Закон за јавното обвинителство според кој СЈО и Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе се спојат во едно обвинителство, односно во Обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција.

Cпоред објавениот предлог-закон, може да се забележи дека и помладите обвинители ќе имаат шанса да се борат за шефовската позиција, бидејќи наместо досегашните осум години стаж, сега е доволно шест години да работеле како обвинители.

Според законот за СЈО, со кој на челната позиција беше избрана Катица Јанева, беше потребно потенцијалниот шеф да работи или да е пензиониран обвинител, су-дија, или адвокат со најмалку осум години работно правно искуство во кривично-правни работи, или да е редовен или вонреден универзитетски професор кој предавал правен предмет во областа на правосудството повеќе од десет години.

Сега, со новото законско решение, ситуацијата е сменета. На кормилото на новото СЈО ќе може да биде само јавен обвинител, со најмалку искуство од 6 години.

– За јавен обвинител на Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и висока корупција може да биде избрано лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку 6 години како јавен обвинител до моментот на пријавување за именување и кој е оценет со позитивна оценка во последните три години, пишува во предлог законот.

Ова значи дека за челната позиција би можела да конкурира и сегашната заменичка на Јанева, обвинителката Ленче Ристовска, која кога стана дел од СЈО имаше искуство од три години.

Изборот на овој обвинител ќе го врши Советот на јавните обвинители.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top