Истражување: Долините на Марс не настанале од некогашните реки

Со децении, научниците сонуваат модели кои сугерираат дека древниот Марс некогаш бил топла и влажна планета; погоден за развој на живот..

Овие модели го прикажуваат Марс како планета низ која течат големи реки од кои што се формираат групи на езера. Ние ја замислувавме како далечна Земја со малку поинаков редослед на континенти, реки и океани.

Врз основа на овие претпоставки, НАСА испрати вселенско летало и ровери до далечната Црвена планета за да се испита дали се уште има траги на древни микроби на Марс. Како и да е, најновата геолошка анализа укажува дека мрежите на долините на јужната хемисфера на Марс не биле врежани од реки, туку од глечери, односно дека Црвената планета во своето далечно минато била ладна и ледена, а не топла и влажна.

Научниците од Канада и САД испитале повеќе од 10,000 канали на Марс и ги споредиле со оние на Земјата кои што се формираат под глечерите.

„Во последните 40 години, откако прв пат ги откривме долините на Марс, претпоставуваме дека тие биле врежани од реки што се движеле низ таа планета во далечното минато“, рече геофизичарот Ана Грау Галофре, главниот автор на студијата.

„Но, формациите во долините се многу различни, што укажува на тоа дека тие биле предизвикани од различни геолошки процеси“, додаде таа.

Експертите откриле и некои сличности помеѓу одредени долини на Марс и субглациските канали на островот Девон лоциран на Арктикот. Овој остров е наречен „Марс на Земјата“ поради неговите карактеристики слични на оние на Црвената планета (студ и неплодност на почвата), а НАСА спроведе неколку обуки за вселенски мисии на него, пишува АФП.

За да се утврди како каналите се формирани на Марс, Галофре и нејзините колеги анализирале податоци на 10.276 канали со 66 мрежи на долини низ целата планета. Тие ја споредиле топологијата на овие долини со 40.000 симулации кои покажуваат четири различни начини на формирање долини: преку реки создадени од дожд или снег, движење на глечерите, топење на водата под глечерите или преку подземните води што продираат низ површината.

Откриле дека 3 од 66 мрежни долини најверојатно биле формирани со навлегување на подземните води на површината и дека дури 22 мрежи биле формирани со растворање на вода и нејзино движење под глечерите.

Девет мрежи биле повеќето слични на симулираните мрежи кои предизвикуваат движење на глечер, 14 наликувале на проток на река, а 18 мрежи не биле доволно специфични за да можат со сигурност да се припишат на кој било механизам за формирање, пишува New Scientist.

Хипотезата дека голем дел од долините биле формирани како резултат на проток на вода под глечерите, сугерира дека на древниот Марс имало огромни области покриени со големи ледени плочи. Тоа е контроверзна идеја, рече Галофре, бидејќи многу претходни студии сугерираат дека Марс бил многу потопол во минатото.

За среќа за астробиолозите, но и за оние кои сонуваат да пронајдат микроорганизми на Црвената планета, овие џиновски ледени површини не би го спречиле развојот на животот.

„Ледените прекривки можат да обезбедат целосно цврсто опкружување за живот. Би било термички стабилно, заштитено од зрачење и нудат постојано снабдување со вода“, рече Галофре.

„Таквата древна планета би изгледала поинаку отколку што ја замислувавме порано, но сепак би била погодна за појава на живот“, додаде таа.

Роверот на НАСА, која беше лансиран пред само неколку дена, ќе помогне да се одговори на прашањето дали Марс некогаш би можел да го поддржи развојот на биолошките процеси. Треба да пристигне на Црвената планета во февруари 2021 година. Ќе слета во кратерот ,,Eзеро” и ќе бара докази за постоење на древен живот.

Кратерот на Марс е широк 45 километри и се наоѓа на западниот раб на Исидис Планитие, голем слив што се наоѓа северно од екваторот.

Ако хипотезите за леденото минато на Марс не се точни, тогаш овој кратер веројатно бил одлична оаза во своето древно минато. Научниците шпекулираат дека пред три до четири милијарди години, во кратерот се влевала река, создавајќи површина со големина на езерото Тахо и депонирајќи седименти исполнети со минерали и глина.

Научниот тим зад роверот ,,Рerseverance” верува дека сочуваните древни молекули и други потенцијални индиции за некогашниот живот на Марс може да се најдат во некогашната делта, а можеби и овој ровер ќе успее за време на мисијата да одговори на прашањето дали древниот Марс бил навистина топла и влажна или ладна и планета покриена со ледени плочи.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top