Италија и Шпанија остануваат најголемите жаришта во Европа, Трамп најавува карантин за Њујорк

Уште еден црн ден за Италија, која останува најтешко погодена од глобалната пандемија корона вирус..

Здравствените власти пријавија нови 889 смртни случаи во минатите 24 часа, со што вкупниот број на починати се зголеми на повеќе од 10 000 луѓе. Најголем дел од жртвите и натаму се во регионот Ломбарија, каде животот го загубиле 542 лица. Во Италија има и речиси 6 000 нови случаи на заразени луѓе.

Во симболична постапка на солидарност со Италија, властите во Тирана денеска испратија медицинска екипа од 30 доктори и сестри за помош во борбата против Ковид – 19.

Не ги напуштаме пријателите кога имаат мака, порача албанскиот премиер, Еди Рама.

“Ова е војна во која никој не може да победи сам. Затоа, вие, членовите на овој храбар тим, ќе одите во војна која е и наша војна исто така” – изјави албанскиот премиер, Еди Рама.

Второ најголемо жариште на корона вирусот во Европа и натаму останува Шпанија, каде денеска починаа 674 лица, со што смртниот биланс се искачи на на повеќе од 5 800-тини.

Докторите, сестрите и службите за итна помош во најтешко погодените региони во Шпанија работат без прекин, како последица на што постојано расте и бројот на заразени од корона вирусот меѓу нив.

Повеќе од 9 000 здравствени работници досега биле инфицирани од вирусот, додека властите во Мадрид се обидуваат да се справат со проблемот на недостаток на медицинска заштитна опрема за овие луѓе.

Пандемијата се повеќе се шири и во Велика Британија, каде за еден ден починале 260 луѓе. На редовната прес конференција, властите во Лондон денеска оценија дека најтешкиот период за земјата допрва следува и упатија сериозно предупредување за јавноста.

“Јасно е дека имаме големо зголемување на смртните случаи денеска а секоја смрт е трагична. Секако, треба да направиме се што можеме за да бидеме сигурни дека нема да ги загубиме животите на нашите најблиски од овој ужасен вирус. Мислам дека главниот научен советник на владата неодамна рече дека доколку успееме да ги задржиме смртните случаи под 20 000, ќе имаме одличен резултат во оваа епидемија. Во моментов е се уште рано” – предупреди националниот директор на британскиот здравствен систем, професорот Стивен Повис.

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој беше потврден како позитивен случај на корона вирусот, е во изолација и има благи симптоми на болеста, потврдија властите.

Пандемијата се повеќе се шири и во Соединетите американски држави, каде има и најмногу позитивни случаи на Корона вирус.

Најголемо жариште е Њу Јорк, каде болниците се под огромен притисок на нови болни луѓе а медицинските екипи се соочуваат и со недостаток на заштитна опрема.

Од Норфолк, Вирџинија кон Њу Јорк денеска замина и специјално опремен медицински брод на американската морнарица за да помогне во справувањето со пандемијата.

Американскиот претседател Доналд Трамп ја повтори и својата идеја за воведување ограничен карантин за жителите на Њу Јорк, Њу Џерси и Конектикат.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top