Изборите во САД и трговските војни ги зголемуваат ризиците за руската економија

Последиците од изборите во САД закажани за 3 ноември 2020 година и трговската војна меѓу САД и Кина може негативно да влијаат на руската економија, тврдат експерти интервјуирани од ТАСС..

„Од една страна, руската економија може да се соочи со негативно влијание од економските турбуленции, а од друга страна, забавување на глобалната економија и последователно намалување на побарувачката на суровини како резултат на трговската војна меѓу САД и Кина“, изјави Георги Остапкович, директорот на HSE Centre for Business Tendencies Studies.

Професорт Сергеј Кестанов од Катедрата за берзи и финансиски инженеринг при РАНЕПА смета дека е веројатно оти САД ќе се обидат да ги заострат трговските ограничувања против Кина за време на трката за претседателските избори, што, според него, ќе ја намали глобалната побарувачка на суровини.

„САД се приближуваат кон претседателските избори во услови на значителен економски пад и силна поларизација на општеството. Сите акутни политички прашања стануваат предмет на предизборната дебата. Наспроти ова, се обидуваат да ги заострат трговските ограничувања против Кина. За Русија, ова е негативен фактор бидејќи ќе доведе до намалување на трговијата меѓу САД и Кина, и , како резултат на тоа, намалување на глобалната побарувачка за суровини“, рече тој.

Според Кестанов, дополнителниот фактор на ризик е поврзан со можното заострување на антируските санкции, што е многу веројатно ако на изборите победи кандидатот од Демократската партија.

„Сепак, какви било ефекти не треба да се очекуваат до почетокот на 2021 година, кога новоизбраниот претседател ќе ја преземе функцијата и ќе формира нова администрација“, рече тој.

Геополитичките ризици за руската економија повторно се појавуваат, изјави шефот на аналитичкиот оддел во „Зенит банка“, Владимир Евстифеев.

„Победа на кандидатот од Демократската партија на претседателските избори во САД би наметнала зголемени ризици од санкции. Џо Бајден веќе зборува за построга надворешна политика кон Русија“, тврди Евстифеев, според кој главниот ризик се можните санкции од САД наметнати врз јавниот долг на рубљата.

Експертите се согласуваат дека за Русија е корисно да се развијат големи економии – САД, Кина и ЕУ.

„Слабеењето на кинеската економија како резултат на несогласувањата со САД ќе доведе до намалување на побарувачката за руски извоз“, рече Евстифеев.

„Ако економијата се развие, ќе има зголемување на побарувачката за гориво. Поволно е за Русија да се развиваат економиите во САД, Кина и ЕУ“, се согласи Остапкович.

Според Дмитриј Космодемијански, менаџер во „Откритие“, неутралноста на Русија во односите меѓу САД и Кина може да ѝ помогне на руската економија.

„Постојат многу примери на придобивки поради немешање во голем конфликт. Сепак, во услови  на тешко економско реструктуирање поради глобалниот карантин, можеби нема да го забележиме овој ефект во  растот на БДП“, смета тој.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top