Јани Бојаџи со поддршка за парадата на гордоста

Фејсбук статус на Јани Бојаџи.

Утре во Скопје ќе се одржи најголемата Парада на гордоста било кога организирана во Македонија! 

Ние сме општество каде што ова сеуште е вест на месецот, ако не и вест на годината! Она што не ме засега е самиот настан, организаторите и учесниците. Нивна работа.

Загрижува потребата на - сепак да не се лажеме - голем број македонци кои се против ЛГТБ заедницата, па дури и се подготвуваат да ја попречат или оневозможат ``педерската`` парада! Драги мои, ама од каде таа толку наталожена содржина кај македонците да ја негираат реалноста? Не знам навистина. 

Па тие луѓе се наши браќа, сестри, роднини, другари, пријатели, соседи, колеги со кои живееме и работиме секој ден. И навистина начинот на кој тие живеат и нивната сексуална определба со ништо и на никаков начин не го загрозува нашиот начин на живот и нашите сексуални определби. 

Тие не бараат од нас да станеме ``педери``! Тие само сакаат да го изразат својот идентитет јавно и институционално без да бидат негирани од другите кои немаат идентитет како нивниот. 

Оти, нели е сосема јасно дека ако не можеш по слободен избор, јавно и без санкција да ја декларираш својата определба или идентитет - тој не постои?! Тоа е така! И затоа се организираат тие јавни паради. 

Јавноста и институциите на државата и општеството во целост - да ги прифати нив и нивната идентификација без санкции! Ме загрижува и фактот дека се истура гнев врз ЛГБТ заедницата за нашата ужасна состојба во државата. 

Па не се криви за името ``педерите`` туку оние стрејт мажи и жени кои својата потенција наместо да ја празнат меѓу себе си, тие триесет години го ``суредуваат`` народот и државата! Не се криви за нашата сиромаштија ``педерите`` туку оние големи мачо мажишта што ги испокрадоа, прокоцкаа и пропија народните фабрики! 

Не се криви ``педерите`` за нашето духовно пропаѓање туку оние владици и попови кои ``педерски`` ја растураат нашата црква и вера па црквите и манаситрите ни се празни и запустени! Не се педерите криви што ``мажишта`` ни го продаваат достоинството ``педерски - зад грб``, а потоа за да ни го купаат вниманието ќе бидат на првите редови на парадите а вечерта ќе пикаат пари во цицките на певаљките по ``елитните биртии``за да си ги исчистат гревовите - како што зборуваат меѓу себе си после секоја средба со ``оние педерите``! 

Драги мои стрејтери! Утре, можете да излезете на парадата и да ги подржите учесниците во истата. Но можете и да не ги подржите. Можете во знак на протест точно напладне да водите љубов или просто да имате секс со вашите стрејт партнери мажи и жени! Можете дури во знак на протест да направите и трето или четврто дете! 

Можете на вашите стрејт партнери да им напишете еротско или дури сексистичко писмо или порака со зборови кои ќе направат утре вечер, истотака во знак на протест - гласно, ама најгласно, да слушнат сите ``педери`` да доживеете оргазам со вашата жена/маж/љубовник/љубовница кој ќе го паметите до следната Парада на гордоста! Геј луѓето нема да имаат ништо протива ова, верувајте ми!


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top