Ќе стане ли Расадник во Кисела Вода дом на 20 000 нови жители

Празниот простор кој во скопска Кисела Вода, поточно кај Расадник моментно зјае празен можеби наскоро ќе се пополни со нови стотина згради..

Последните неколку денови преку социјалните мрежи, граѓаните на големо коментираат дека инвеститорите пикот на градење наскоро ќе го насочат токму на Кисела Вода а зградите ќе станат нов дом за околу 20 000 станари.

Ако поминете низ населбата, од просторот кај спортската сала „Расадник“ неминовно е да не го слушнете муабетот на жителите. Кој и да го прашате за што станува збор ќе ви каже дека спроти е вцртана седумкатница зграда со 100 стана.

-Се зборува дека на овој простор ќе никнат стотина нови згради. Ние жителите почнавме да се организираме и да собираме потписи по зградите против ваквите непромислени проекти на властите. Не се согласуваме со пикањето згради кај ќе им текне и со живи штитови ќе го браниме нашето право за здрава животна средина-велат жители на општина Кисела Вода.

Оваа најава се коментира и на социјалните мрежи.

Новинарот Дарко Чекеровски напиша:

„Тајно и нетранспарентно, без никаде да објави, залепи известување на влезови или информира, Општина Кисела Вода во среда во 12ч. организирала јавна презентација на ДУП-от. Напикаа згради на секое делче од слободната земја, иако повеќе пати бевме и молевме, аргументиравме, поднесувавме официјални барања за зеленило, за основни услови за живот. Карши училиштето Кирил Пејчиновиќ, каде што првин почнаа да градат црква, потоа парк, сега е вцртана седумкатница зграда со 100 стана. На ќошот кај Мечкаров исто така, и на сите слободни места. Затоа, како граѓани од денеска се организираме со собирање потписи, петиции, по згради и пунктови. Ќе продолжиме со протести, човечки штитови да го браниме правото на #живот и животна средина. Не сакаме да живееме како примитивци и нема да дозволиме властите да прават фавели и сламови од делови од градот.“- пишува Чекеровски на Фејсбук.

Неофицијалните информации очигледно ги зовреа страстите меѓу жителите на Кисела Вода а дали градежна инвазија ќе ја зафати оваа општина ?

Порталот А1он пренесе дека според новиот предлог на општината на погореспомнатиот простор се предвидени да никнат шесткатници, осумкатници, деветкатници, тринаесеткатници, некои од нив раздалечени на само 12 метри простор а пренесуваат дека од Општина Кисела Вода велат дека овој Детален урбанистички план е во согласност со ГУП-от и по планираната бруто-изградена површина и по густината на жители.

Фото: фејсбук

Токму постапката за промена на ДУП меѓу граѓаните се коментира дека била извршена на нетранспарентен начин, жителите не бил известени и не биле воопшто поканети за учество во јавната дебата.

Зошто мора да никнат згради?

Површината на Расадник, е можност Кисела Вода да направи нешто за себе, а уште повеќе за градот, коментираат граѓаните. Токму тој простор е идеален за нов градски парк во Скопје, јавен простор и збиралиште во општината, спортски терени, простор каде Кисела Вода ќе може да создаде нешто препознатливо за себе .


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top