Коневски: ВМРО-ДПМНЕ треба да се сврти кон иднината, со името се случи тоа што се случи

Поранешниот градоначалник на Аеродром од ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Коневски, вели неговата партија треба да се сврти кон иднината и да се заборави минатото, мислејќи на Договорот од Преспа и промената на уставното име..

-Промената на името се случи, она што практично ни беше последната пречка за членство во ЕУ и добивање полноправно членство во НАТО, се случи. Тоа е многу тешко да се врати назад. Без разлика дали на некого му се допаѓа или не, се направи тој исчекор. Јас не гласав на референдум, ја почитував одлуката на партијата. Назад не би сакал да се враќаме, треба да гледаме напред и мислам дека и мојата партија треба да се сврти кон иднината. Се случи тоа што се случи – рече Коневски во вчерашната дебата на Клик Плус на ТВ21.

Според него, треба да се заборави и минатото на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека партијата сега има ново раководство.

-Треба да го заборавиме и минатото на ВМРО-ДПМНЕ, се што правеа, ВМРО-ДПМНЕ има ново раководство и треба да се насочиме кон иднината. Мораме како партија да гледаме напред и во нашата борба да се насочиме на економијата и европската перспектива на државата. Времето ќе покаже дали овие процеси што се случија се позитивни. Мое мислење е дека државата има перспектива. Имаме големи шанси да влеземе во ЕУ – додаде Коневски.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top