Луксембург: „Амазон“ треба да плати 295 милиони долари данок

Интернет-компанијата „Амазон“ треба да му плати на Луксембург 295 милиони долари заостанат данок, соопшти Европската Унија..

Европскиот комесар за конкуренција, Маргарета Вестагер, истовремено најави тужба против Ирска затоа што не ѝ наплатила данок од 13 милијарда долари на компанијата „Епл“.

Вестагер тврди дека „Амазон“ и „Епл“ оствариле добивка благодарение на договори со државите што им овозможиле да избегнуваат плаќање данок.

Според неа, „Амазон“ од 2003 година остварил недозволен профит благодарение на ниските даноци во Луксембург каде што се наоѓа европското седиште на компанијата.

„Амазон“ соопшти дека немал повластен третман во Луксембург.

„Плаќавме данок во согласност со луксембуршките и светските даночни закони“, наведе компанијата.

Претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, беше премиер и министер за финансии во Луксембург во времето кога со „Амазон“ е утврден даночниот договор благодарение на кој речиси три четвртини од профитот на компанијата не е оданочен. На „Амазон“ му било овозможено да плаќа четири пати помал данок во однос на локалните фирми.

Вестагер изјавила дека членките на ЕУ не смеат на мултинационалните компании да им даваат даночни олеснувања какви што не се достапни за другите фирми.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top