Македонската етно група „Синтезис“ на турнеја во Австралија

Македонската етно група „Синтезис“, по повеќе од десет години, овој месец ќе има турнеја во Австралија..

Со уникатниот музички концепт, комбинација на традиционалниот звук со современи аранжмани, македонската дијаспора и пред сѐ нејзините нови генерации, ќе може да уживаат на 21 ноемви во Сиднеј во култниот „Фактори театар“, а на 23 ноември во Мелбурн во „Торнбури театар“.

Иако групата го негува македонското фолклорно наследство веќе 25 години, нивната музика не предизвикува восхит само кај Македонците, туку е едноставно парадигма на виртуозност. Доказ за тоа се и многубројните светски награди и признанија, од кои би ги издвоиле наградата за најдобра интернационална инструментална група за 2008 од „Toronto Exclusive Magazine – Canada“, награда за придонес во развојот на културолошкиот туризам за 2008 од Интерстарс-Хрватска, како и награда во 2006 година од Македонската стопанска комора, кога „Синтезис“ беше прогласен за почесен амбасадор на македонската култура.

За нивниот долгогодишен успех говорат и повеќе од 500 одржани концерти ширум светот, како Хрватска, Унгарија, Словенија, Австрија, Италија, Германија, Грција, Србија, Црна Гора, Португалија, Шпанија, Белгија, Полска, Франција, Шведска, САД, Јапонија, Австралија, Виетнам…

„Синтезис“ својот прв албум го објавуваат во 1996 година, а во 2017 година го промовираа својот осми студиски албум, насловен „Остров“.

Групата во своето музицирање ги користи речиси сите македонски традиционални инструменти зурла, кавал, тамбура, тапан, тарабука, клавијатури…
(Радослав Шутевски – удирачки инструменти, Ване Јовчев – пијано и клавијатури, Марјан Јовановски – тамбура, Гоце Узунски – тапан и тарабука, и Гоце Димовски – зурла, гајда и кавал), а покрај современите аранжмани, сликата ја надополнуваат и трите ангелски гласови на Анета Шуланковска Велковска, Билјана Ристовска Стојановска и Мирјана Јошевска Мајнова кои пеат во духот на женското групно пеење од старата македонска  традиција.

Не пропуштајте ја оваа прилика да бидете дел од незаборавните концерти на Синтезис во Австралија.

Влезница можете да обезбедите кај организаторите на следниов ЛИНК или можете да се јавите на 0420 976 847


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top