Македонскиот јазик станува задолжителен на сите факултети

Предложено е и воведување обука за правилен изговор во јавните настапи на политичарите и новинарите..

Задолжително изучување на македонскиот јазик на сите универзитети , државни и приватни, вработување лектори во сите јавни институции како и формирање Инспекторат за употребата на македонскиот јазик, се дел од предлозите изнесени на денешната јавна расправа за измените на законот за употреба на македонскиот јазик. 

„Ние се залагаме за тоа нашите луѓе да бидат пописмени особено академската јавност и затоа сметаме дека треба да биде воведен предмет наречен култура на говорот или изразување и пишување ли ќе биде“, рече Елена Јованова Груевска – директорка на Институтот за македонски јазик.

„Предлагам обука за сите претставници на сите власти да може изговорот да не биде толку лош како што го слушаме во моментов“, рече Искра Пановска Димкова- универзитетски професор.

Првиот човек на Советот кој го предложи законот, професорот Људмил Спасов вели дека на сите закони за унапредување на јазиците треба да се гледа како на нивна соработка, а не негирање.

„Овој закон не е во спротивност, напротив во соработка е со законот за јазиците, значи не се негираат едни со други, како што е редот и местото во една држава, бидејќи ова е заедничка држава на сите луѓе со сите мајчини јазици. Меѓутоа македонскиот јазик е најголемиот јазик и државниот, особено во комуникција со странство и е обединувачки“, рече Људмил Спасов – претседател на Советот за македонски јазик.

Со законот е предвидено да се формира и Инспекторат за употреба на македонскиот јазик кој ќе има право и да казнува .


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top