МЕЛАНИЈА ТРАМП И БРИЖИТ МАКРОН ВО МОДЕН НАТПРЕВАР ВО ВАШИНГТОН

Францускиот претседател Емануел Макрон е првиот странски лидер кој доби државнички прием во САД откако за претседател беше избран Доналд Трамп и тоа беше можност во најдобро издание да се покажат и нивните сопруги Брижит и Меланија..

Двете први дами ги оставија своите сопрузи да дискутираат за нуклеарниот договор со Иран во Белата куќа и ја посетија изложбата на Пол Сезан во Националната уметничка галерија, каде што се изложени 60 негови дела.

Тие беа облечени целосно во бело, што Меланија го надополни со широк бел шешир. Ден претходно, кога посадија дрво во кругот на Белата куќа, тие избраа креации на француски дизајнери: Брижит носеше Луј Витон, а Меланија црн фустан од Живанши, во комбинација со чевли од Кристијан Лубутен.

На прашањето дали ужива во посетата на Вашингтон, госпоѓа Макрон кимна со главата и на англиски кратко кажа „благодарам“.

Во рамките на вториот ден од посетата на Макрон и неговата сопруга, тие ќе присуствуваат на првата државничка вечера организирана од Трампови. Најавено е дека на менито ќе биде јагнешко.

Американските медиуми забележаа неверојатна блискост помеѓу двајцата лидери, кои не само што се гушнаа и бакнаа, туку Трамп во еден момент исчисти првут од рамото на Макрон.

„Ние имаме многу посебен однос. Чекај да ти го тргнам првутот. Тој мора да изгледа совршено“, кажа Трамп за Макрон.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top