МИЦКОСКИ ГО СМЕНИ ИМЕТО - За подобра Македонија стана За обнова на Македонија

Не е исклучена можноста и од проширување на коалицијата со нови политички субјекти. Мицковски најави дека имаат разговори и со други партии..

За подобра Македонија стана За обнова на Македонија. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ го промени името бидејќи како што кажа лидерот на партијата Христијан Мицковски, на државата и е потребна обнова после тригосишното владеење на СДСМ. Ова едногласно го прифатиле сите коалициони партии со кои Мицковски вечерва имаше средба во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

„На Македонија и’ е потребна обнова после овој арамилук кој се случува трета година по ред. Ветуваме многу работа, ветуваме расчистување со сите криминали кои се провлекуваа во минатото и реформи во многу сегменти меѓу кои бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата, нула толеранција за криминалот, а потоа како секундарен приоритет економски бум. Тоа ќе бидат столбовите на кои ќе се темели новата предизборна кампања“, изјави Христијан Мицковски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ.

-Имаме комуникација со други политички партии за да се приклучат на коалицијата, дел од нив беа вчера на средба со Заев.  Разговараме и со претставниците на албанските партии, дали ќе има предизборна или постизборна коалиција се’ уште нема заклучок, вели Мицковски.

Вечерашната средба со коалиционите партнери е ден по лидерската кај Пендаровски на која беше утврдено дека на 12 април договдина ќе има предвремени парламентарни избори. Освен за преименувањето на коалицијата, партиите разговарале и за технички аспекти поврзани со изборите. За средбата на ВМРО-ДПМНЕ со коалиционите партнери реагираа и од СДСМ. 

– Коалицијата на Христијан Мицкоски го менува само името, а во суштина ништо не се менува. Тоа е Коалиција за обнова на режимот, на криминалот и изолацијата. 

Крајно лицемерно е ВМРО-ДПМНЕ после години посветени на ширење на поделби, омраза и национализам денес да зборуваат за подготвеност за  вклучување на други партии во коалицијата, вклучително и албански, велат од СДСМ.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top