Мицкоски ветува рамен данок, проверка на имот на политичарите, намалување на привилегиите на премиерот...

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во неколкуте свои последни настапи вети сериозна борба против корупцијата, дека ќе предложи закон за проверка на потеклото на имотот на сите политички функционери, актуелни и поранешни, обвинители и судии.

„Треба решително да се пресметаме со корупцијата, ќе предложиме закон со кој ќе се испитува потеклото на имотот на сите политичари и не само на политичари, туку и на сите оние кои некогаш имале некакви функции, тука пред сѐ мислам и на обвинители, судии и на други професии кои можеби имаат несразмерен имот споредбено со тоа какви биле нивните примања“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека познава случаи каде што луѓе кои биле шефови или пак работеле во царина со вили и по неколку апартмани, а кога ќе се видат  нивните приходи месечно ќе се види дека се сто пати помали отколку тоа што го имаат заработено.

„И не само тоа, вие имате судии со по неколку станови, со вили со куќи...  Па тука се поставува прашањето од каде и колку стекнале. Па  имаме и политичари кои велеа дека се богати како успешни бизнисмени. Имаме и сега политичари чии што фирми и компании, сопственост на нивните семејства, пред да дојдат во политиката, имале 10, 15, 20 пати помалку приход споредбено со тоа што сега го имаат кога се актуелни политичари на власт“, вели Мицкоски.

Како претседател на владата на Македонија, Мицкоски вели дека првата  работа што ќе ја направи е дека ќе се откаже од многу привилегии што како премиер ќе ги има и дека ќе го врати рамниот данок.

„Постои внатрепартиска дебата, посебно во делот на вицепремиер за економски прашања бидејќи некако таа позиција кумулира голема моќ, а во суштина без никакви одговорности. Најчесто се прават експериментални политики кои немаат никаков резултат, а на сметка на тоа Министерството за економија да добие поголема тежина, па дури одиме до таму во иднина тоа да се подели на две помали министерства: министерство кое ќе третира прашања од областа на минералните суровини и енергетиката, а другото да  биде министерство за трговија, индустрија и раст. Тие две министерства да бидат практично замена на сегашните позиции  вицепремиер за економски прашања и министерството за економија“, рече Мицкоски.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top