„МЛД Кочо Рацин“ Мелбурн со ново литературно катче

Mакедонското литературно друштво Кочо Рацин, Мелбурн, крајот на годината го одбележа со Литературно читање одржано на 29 Ноември во библиотеката во Мил Парк.

Читањето беше наречено Мојата омилена приказна а во чиј склоп се одржа и едукативна програма за деца Од буква до буква – азбука.

Членовите на дурштвото избраа да читаат омилени приказни, поеми, драми, извадоци од романи на Македонски и Англиски. Навистина беше вистинско уживање да се слушне нешто од првите македонски драмски писатели ( Ристо Крле - Антица –), расказ за грабнувањето на Калина од турскиот аскер и нејзиното проштално писмо до мајка и, дел од современиот романна Сашо Димоски (Алма Малер), мемоари од книгата на Андон Дончевски, прекрасно прозвучија и авторски поеми и четива од Вера Горгиевска, Крсте Наумовски (Грамотник), заедно со Дона ја прочитаа и поемата Јагула од Анте Поповски, Стеван Ацески (Солунски браќа). Прекрасни настапи имаа и гостите кои се пријавија да читаат: Танас Петрин со поеми од неговиот татко: Деца бегалци, Песна за Нерет и Крушевската република, Василка Патерас (Празнина и Невена), Вера Мажеска (Т’га за југ и свои поеми), Сашка Ставреска (Македонец да си), Розита Груевска (Не дај боже). За првпат настапи и Адриан Горгиевски кој со голема љубов прочита свој состав за Александар Македонски а Даниел Димовски повторно восхити со драматизацијата на расказот “Калина“.

Во обраќањето Гордана Димовска рече: Се заложивме од самото формирање да ја промовираме македонската литература, да го негуваме јазикот во сите форми и на сите можни начини. Важно е да му се даде посебно место на читањето. Тоа е корисно за развојот на мислата, збогатување на речникот, подобра комуникација, изразување на она што сакаме да го кажеме, развивање на мечтаењето, намалување на стресот. Читањето е како копче за пауза, треба да подзастанеш и да се концентрираш кога читаш. Придобивките од оваа зголемена активност ја заоструваат меморијата и способноста за учење. Книгата е извор на знаење, јазикот е коренот на нашето постоење и препознатлив национален белег.

Легендата на македонскиот спорт, Г-динот Андон Дончевски подари неколку книги на друштвото меѓу кои и Дончо Национале каде се опишуваат неговиот огромен придонес за македонскиот спорт, за обединувањето на македонската фудбалска репрезентација под македонското знаме.

МЛД Кочо Рацин изразува голема благодарност за поддршката на медиумите: СБС радио (Васе Коцев, Маргарита Василева, Маја Б. Талевска, весниците АМН и Денес (Игор Павловски), Пленти Вали Радио (Танас Петрин, Сузана и Вера), Вангел Патерас за видео снимки од настанот, Андон Дончевски и Доне Димов (Камбера) за поддршката и подарување на книги за друштвото. Ги поканува сите Македонци да ги посетуваат овие културни настани од големо значење и интерес за сите генерации.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top