НАСА бара доброволци кои ќе поминат 8 месеци во изолација

Учесниците во истражувањето ќе бидат платени, но прашањето е кој би сакал да помине уште осум месеци изолиран од надворешниот свет по изолацијата поради ситуацијата..

За сите оние на кои не им беше доволна изолацијата и карантинот што ни го одбележаа животот во текот на изминатите два месеци, од НАСА доаѓа нов интересен предизвик кој вклучува нова долгорочна изолација.

Бидејќи американската вселенска агенција се подготвува за нови мисии, вклучително и мисија на Месечината, и еднаш во далечна иднина мисија на Марс, тие сакаат да истражат како астронаутите ќе се однесуваат во изолација со неколку други колеги во мал простор што симулира вселенско летало.

Затоа, тие имаат намера да спроведат истражување кај мала група на луѓе кои ќе поминат дури осум месеци изолирани во услови што може да се очекуваат во леталото. Само американските граѓани на возраст меѓу 30 и 55 години можат да учествуваат во истражувањето (се бараат лица со образование од областа на науката и медицината, т.е. лица со завршена обука за воени офицери и сл.) со познавање не само на англиски, туку и руски – истражувањето ќе биде направено во Москва. Исто така, покрај осумте месеци што ќе ги поминат во изолација во објектот што треба да го претставува вселенскиот брод, кандидатите прво ќе мора да поминат дополнителни две недели во карантин.

Учесниците ќе бидат платени да учествуваат во овој експеримент (износот не е споменат), а резултатите од истражувањето треба да и помогнат на НАСА да пронајде ефективни начини и методи со кои треба да им се олесни на астронаутите да поминат време во вселената и да решат проблеми со кои се соочуваат на долгите патувања кои подразбираат изолација и мисии со месеци.

Слична студија беше спроведена минатата година кога шест лица (Американци и Руси) минаа четири месеци затворени во симулација на вселенски брод. За тоа време, „екипажот“ извршил разни мисии и задачи со кои астронаутите треба да се сретнат за време на вселенските летови, како што се спојување со вселенската станица која ќе биде поставена во орбитата околу Месечината, избор на локации за слетување на Месечината и одење по лунарната површина. Тие исто така учествуваа во различни експерименти за да го тестираат влијанието на изолацијата и одвојувањето од надворешниот свет врз нивната ментална состојба.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top