Неносењето маски главна грешка на САД и Европа, вели водечкиот кинески експерт за коронавирус

Гао Фу, познат и како Џорџ Гао, генерален директор на кинескиот Центар за контрола и превенција на болестите, во интервју за магазинот „Саенс“ ги лоцира слабостите на Европа и на САД во справувањето со коронавирусот и дава препораки во тој правец..

„Според мое мислење, најголемата грешка на САД и на Европа е тоа што луѓето не носат маски. овој вируис се пренесува со капки и со близок контакт. Капките играат многу важна улога, па морате да носите маска, бидејќи кога зборувате секогаш од устата излегуваат капки. Многу луѓе имаат несимптоматски или предсимптоматски инфекции. Ако носат маски за лице, тоа може да спречи капките што го носат вирусот да побегнат и да заразат други“, вели Гао.

Водечкиот кинески експерт за коронавирус сугерира пет мерки за спречување на ширењето на заразата.

„Социјалното дистанцирање е основната стратегија за контрола на која било заразна болест, посебно ако станува збор за респираторни инфекции. Прво, користевме ‘нефармацевтски стратегии’, бидејќи немате никакви одредени инхибитори или лекови и немате вакцини. Второ, морате да бидете сигурни да го изолирате секој случај. Трето, блиските контакти треба да бидат во карантин: трошиме многу време во обид да ги пронајдеме тие блиски контакти и да обезбедиме да се во карантин и изолирани. Четврто, стопирајте јавни собири. Петто, ограничете го движењето“, советува професорот на Институтот за микробиологија при Кинеската академија на науките.

Врвниот виролог и имунолог нагласува и дека насекаде низ Кина има топломери и оти мора да се прават обиди на луѓето да им се мери температурата колку што е можно повеќе, за оние што имаат зголемена да не бидат надвор.

„Заразените лица мора да бидат изолирани. Тоа би требало да се прави насекаде. Ковид-19 можете да го контролирате само ако можете да го отстраните изворот на заразата. Заради тоа изградивме модуларни болници и претворивме стадиони во болници“, објаснува Гао.

Тој додава дека сè уште не ја откриле причината за заразата во Кина, за што, според него, има две можности – дека вирусот потекнува од пазаров во Вухан или дека тоа е местото од кое масовно се проширил.

За Кина вели дека сè уште не стекнала т.н. имунитет на стадото, но и оти вирусот повеќе не се пренесува локално.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top