Охрид во опасност да биде исклучен од УНЕСКО, има рок од 8 месеци за 400 дивоградби

УНЕСКО на Охрид му даде 8 месеци за да го реши прашањето со 400 дивоградби, кои се изградени во забранетата зона. Во спротивно Охрид ќе се најде на црната листа на загрозени зони под заштита на УНЕСКО.

-Оптимизмот го црпам од изјавите и верувам дека тоа ќе се случи. Знам дека таа битка не е лесна, сум бил градоначалник и знам дека се испреплетени голем број интереси, меѓутоа токму поради тоа постои рок за да го убедиме УНЕСКО и светот  дека навистина имаме искрена желба, без разлика чии  се тие дивоградби и кој стои зад нив-рече Жерновски.

Пролонгирањето на рокот, градоначалникот на Охрид, Костантин Георгиевски, го прифати позитивно, при што тоа го сподели на фејсбук, каде пишува:

-Оваа одлука се заснова на констатираниот напредокот во реализацијата на препораките од мониторинг мисијата на УНЕСКО од 2017 година и нашите заложби за успешноста на овој процес“, напиша Георгиевски.

Но, еколошките активисти од „Охрид СОС“ ја критикуваат владата. Тие велат дека токму властите дале дозвола за тие градби. Според „Охрид СОС“, проблемот кој не е решен за две години, нема да се реши ниту за 8 месеци.

-По два проблеми месечно треба да се решаваат. За две години се донесе само попис на дивоградби. Процесов не е само носење на политички одлуки со кревање на рака. Има и работа и на терен. Ќе треба некои објекти и да се срушат. Ама пред тоа да одговараат сите кои издале решенија и дозволи за градба во делови каде не смеело да има објекти. Рушете го и моето и на моите, ама и на вашите или нечии пријател, роднина во Влада-велат од „Охрид СОС“.

На 43 седница на Комисијата за светско наследство, одржана во Баку, Азербејџан, на Охрид му е даден рок до 20 февруари за исполнување на доставените барања во 2017 година.

Советодавните органи на УНЕСКО ги наброија паричните кои го загрозуваат Охрид. Од друга страна велат дека е потребана соработка меѓу институциите на Македонија и Албанија. 

-Дали ги гледате натписите дека се уште се присутни ваквите нива загрижувачки прашања, како што е притисокот од туризмот, нелегалниот и несоодветниот развој, уништувањето на природата, претеран риболов, сечењето на шумите и контаминацијата на водата. Како и да, многу е важна соработката меѓу многуте институции кои се занимаваат со културното и природното наследство од двете страни, од Албанија, и соседната држава, Северна Македонија-велат од Меѓународната организација за зачувување на природата.

Реактивната мисија на УНЕСКО во 2017 година, по инспектирањето на охридскиот регион, даде 19 барања од кои само три се целосно исполнети. Охрид е под заштита на УНЕСКО веќе 40 години како културно и природно наследство. Во февруари следната година, УНЕСКО ќе го разгледа извештајот на следната 44 седница и ќе одлучува за натамошниот статус на градот.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top