Ова се четирите барања испорачани од пратениците кои помогнаа да има две третини

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои деновиве на седницата за уставни измени го дадоа гласот – „За“, испорачаа четири услови до власта..

Позитивно гласаа, Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов,Сашо Василевски, Елизабета Канческа Милевска, Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Нола Исмајловска Старова, и Емилија Александрова. 

Тие бараат: 

1.Прифаќање на амандман на Уставот со кои ќе се гарантира македонскиот идентитет.

2.Прифаќање на одредба на Уставот со која ќе се гарантира дека доколку Република Грција не го ратификува договорот и повторно ги попречува евро –атлантските интеграции на Република Македонија, ќе има безусловно поништување на сите прифатени уставни амандмани кои произлегуваат од имплементацијата на договорот од Преспа.

3.Постепена промена на името за внатрешна употреба, следејќи го процесот што води кон полноправно членство на РМ во ЕУ.

4.Прифаќање на иницијативата на Претседателот на Владата на Република Македонија г. Зоран Заев искажана на 61 – та седница на Собранието на Република Македонија на 15 октомври 2018 год., за простување во врска со настаните на 27 април 2017 год. во Собранието на Република Македонија и сеопфатно национално помирување“.

Полицијата им ги чува домовите и им ја гарантира безбедноста откако гласаа „За“. 

Во јавноста има реакции. За некого тие се предавници, а за други патриоти кои гласале по сопствено убедување. 

По гласањето за пристапување кон уставните измени, актерката Јелена Жугиќ го изрази своето разочарување, додавајќи дека и било срам што таа била директор на театар, а Канческа-Милевска ресорен министер за култура.

Денот на гласањето беше драматичен. Јавноста со часови чекаше да почне седницата која прво беше закажана за 12, па одложена за 15 часот, за да на крај се гласа нешто пред 22 часот. 


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top