По 11 години “Танец” повторно ја носи Македонија кај нашите македонци во Австралија

Екипата на ИН ТВ беше на гости во “Танец”, кој претставува најголемиот амбасадор на македонскиот фолклор, традиција и култура ширум целиот свет..

Националната установа, Ансамбл за народни песни и игри на Македонија, “Танец” претставува симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура веќе седум децении и важи за најголемиот амбасадор на македонскиот фолклор ширум светот. После 11 години, на огромно задоволство на сите наши македонци, “Танец” заминува на голема турнеја во Австралија и ќе одржи неколку концерти низ повеќе градови. Како што вели Милан Завков, првото лице на Оркестарот, составот кој ќе патува за Австралија е веќе одбран, па со нетпрение ја очекуваат дружбата со нашинците кои живеат во оваа далечна земја.

-Да, ние веќе се подготвуваме и при крај се подготовките. Танец е секогаш подготвен за вакви убави и големи турнеи. Последен пат бевме во 2008-ма година, имавме успешна турнеја и одржавме повеќе концерти низ градовите каде што ги има нашите македонци. И ете после 11 години повторно Танец во Австралија. Ова беше подолг период и се надевам дека ќе има голем интерес бидејќи го презентираме она што е најубавото од Македонија, фолклорот, песната, играта и музиката.-истакна маестро Милан Завков кој воедно е раководител на Оркестарот на Танец.

Ќе одржат вкупно пет концерти од кои два во Мелбурн, еден во Канбера и уште два концерти во Сиднеј. На турнејата во Австралија, составот на Танец заминува на 11-ти ноември, а ќе останат до 27-ми истиот месец.

-За мене ќе биде трет или четврти пат заедно со Танец да патувам за Австралија. Чест ми е и задоволство особено како првенец да допринесам за нашите иселеници се осеќаат уште подобро, бидејќи ние го пренесуваме она вековното, односно исконското што е од Македонија.-вели Љупчо Маневски, првенец во Танец.

Задоволството што ќе биде дел од турнејата не го криеше ни извонредниот вокал Кирил Митоски, кој е дел од пејачкиот состав.

-Очекувам прекрасна забава и ете ќе ја искористам оваа прилика официјално да ги поканам нашинците, сите македонци кои што се вљубеници во македонската музика, култура и традиција да присуствуваат на нашите концерти. Имаме навистина богата и убава програма што вреди да се види, јавно ги поканувам и сигурен сум дека ќе уживаат. Јас неколку пати сум бил во Австралија, но како дел од Ансамблот сум за првпат.-изјави Митоски за гледачите на ИН ТВ.

“Танец” годинава со спектакуларен концерт одбележаа јубилеј од 70 години постоење.

Традицијата и фолклорот претставуваат најдобро чувана тајна која како свеќа не води во тунелот на времето, а македонскиот “Танец” без сомнение претставува подвижна енциклопедија на македонскиот народ.

Извор: Естрада Плус


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top