Подемот и падот на Катица Јанева

Од симбол и надеж за борба против криминалот и корупцијата, до осомничена и притворена во корупциски скандал. Вака започна и заврши четиригодишната кариера на Катица Јанева како шефица на Специјалното јавно обвинителство..

На оваа позиција дојде од гевгелиското обвинителство, а зад нејзиниот избор тогаш застанаа и власта и опозицијата.

Јанева регрутираше тим од обвинители кои жестоко започнаа со отворање истраги произлезени од „бомбите“. При јавните настапи Јанева често беше во втор план.

„Повеќе ќе ни каже мојата колешка Фатиме Фетаи, а колешката Ленче Ристовска ќе одговори на сите прашања.“-изјавуваше Катица Јанева.

Но, на терен, и со добро позната упорност…

„Отвори, отвори, отвори…“

Сепак, летово потонаа надежите што јавноста ги полагаше во шефицата на СЈО. На два месеца пред истекот на мандатот, таа најави оставка, истиот ден кога се случи апсењето на „Боки 13“ и „Зоки Кичеец“ како осомничени во случајот „Рекет“.

„Нема да дозволам моето име да биде искористено за нечие алиби“-изјавуваше Јанева.

И одземаа и вештачеа телефони, беше повикана на распит. Призна и дека е нејзин гласот во снимките кои се докази во случајот „Рекет“, а ги објави италијански медиум.

„Не се секирај за ништо. Се ќе биде ОК“-рече Јанева.

„Не сум ја злоупотребила должноста која и во моментов ја извршувам…“-изјавуваше Катица Јанева.

Сепак, Јанева стана осомничена во „Рекет“. И од притвор го имаше последниот збор во запечатувањето на судбината на СЈО. Со нејзина писмена согласност предметите ги презеде државното обвинителство.

По многу побарани и непобарани притвори, во притвор заврши таа, а судбината на тимот што го избра е неизвесна. Иако мандатот и истекува утре, приказната за првата специјална обвинителка не запира тука. Таа допрва ќе треба да докажува невиност ако „Рекет“ влезе во судница.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top