Политички земјотрес во Русија: Што навистина значи оставката на Медведев и распуштањето на владата?

Путин е на чело на Русија уште од 2000 година, што го прави најдолговечниот руски лидер уште од Сталин..

Премиерот на Русија, Дмитриј Медведев поднесе оставка и ја распушти владата само неколку часа откако претседателот Владимир Путин ги најави уставните измени кои би ја ослабеле моќта на неговиот наследник и дек од неговата власт би ја префрлиле на премиерот и во парламентот.

Во денешното обраќање пред Сојузното собрание, Путин рече дека нема да бара промена на Уставот за да го укине ограничувањето од два последователни претседателски мандати за да си овозможи останување на власт и по 2024 година, но дека сепак ќе бара некои нови амандмани.

Путин предложи Државната дума да има овластување да го предложува премиерот, неговиот заменик и министрите, а претседателот да има правна обврска да ги именува предложените кандидати. Тој ги претстави своите предлог-измени како значајна промена на рускиот Устав и повика на одржување на прв национален референдум од 1993 година за да ги потврди.

Со еден потег кој го отвора патот за најголемиот политички земјотрес во Русија во последните десет години, Медведев отстапи заедно со целиот свој кабинет и додатно ги предизвика сомнежи дека претседателот на Русија нема намера да отстапи од власта по 2024 година.

Со тоа што ја делегираше претседателската моќ на парламентот, премиерот и Државниот совет, Путин речиси ги потврди долгогодишните шпекулации дека по истекувањето на вториот мандат сака да стане премиер или да го предводи реформираниот Државен совет.

Оставката на Медведев, што е пред одржувањето на предложениот референдум, му овозможува на Путин сам да го именува премиерот. А со тоа и потенцијално да сигнализира кого гледа како свој наследник, тогаш на веќе протоколарната функција на претседател.

На овие промени реагираше и првиот опозиционер во Русија, Алексеј Навални.

– Главната порака на обраќањето на Путин: сите оние кои мислат дека тој во 2024 година ќе замине од власт се идиоти (и/или измамници). Тој ќе остане лидер целиот свој живот, го преземе сопствеништвото над целата држава и ќе го присвои богатството за себе и за своите пријатели, што е единствена цел на Путин и неговиот режим – напиша Навални.

Што по 2024 година?

Путин е на чело на Русија уште од 2000 година, што го прави најдолговечниот руски лидер уште од Јосиф Сталин. Прашањето што планира да прави по 2024 година кога му истекува последниот мандат дозволен во Уставот, веќе подолго време е најважното политичко прашање во земјата, а и пошироко.

Иако има уште четири години на располагање, Кремљ веќе долго време се подготвува за тој период и ги разгледува можните опции.

Најдиректниот, но и најконтроверзниот потег кој на Путин би му овозможил да се кандидира за трет последователен мандат е промена на Уставот, со која ќе се укине огранучувањето на бројката на поврзани мандати. Претседателот на Русија на денешното обраќање стави точка на тоа сценарио.

Втората можност би подразбирала Путин повторно да стане премиер како и во 2008 година, кога првпат мораше да ја прекине низата од два поврзани мандати. Многу аналитичари го отфрлаа ова сценарио токму поради тоа што Путин и минатиот пат без војла се задоволи со втората најмоќна функција во земјата.

Промените на Уставот кои денес ги најави, го решаваат овој проблем. Претседателската фунција би станала протоколарна, додека вистинската моќ, на каква е навикнат Путин, повторно би била во рацете на премиерот.

Уште една од хипотетичките можности, која исто така Путин денес ја потврди, беше и зголемувањето на моќта на советодавното тело – Државниот совет. Путин дури и на чело на Советот, по промените на Уставот би имал повеќе моќ од следниот претседател.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top