Поради „педерот“ заборавија на „Рекетот“

Анализите за некоректноста на премиерската изјава, во длабока сенка го ставија третманот на главната тема - случајот „Рекет“, кој преку политичка естрадизација може тотално да се измести од правен терен.

Дали една реченица на премиерот  може да биде поопасна за неговата Влада отколку „неколку криминалци, суетен новинар, и со извинение до ЛГБТИ зедницата - еден педер“, на кои Заев им порача дека нема да им дозволи да ја симнат неговата Влада од власт?

Според реакциите, кои традиционално се поделени во „напад и одбрана“, фокусот најмногу се насочи врз потенцијалот за дискриминација по основа на сексуална ориентација и многу брзо темата се измести од тежиштето: сите зборуваат за „педерот“, а не за „рекетот“. 

Иститот аспект остана доминантен и по објаснувањето на Заев дека ЛГБТИ заедницата ја има неговата голема почит.

„Затоа, пред да го употребам зборот „педер“ упатив извинување. Тој збор го употребив за да дадам карактерна особина, а не да означам сексуална припадност. Извинување за ЛГБТИ луѓето. Ќе се борам за нивните права, како и досега", напиша Заев на „Твитер“

„Не може да се извините, па да ги навредите граѓаните чиј премиер сте, а истовремено да се залагате за инклузивно и едно општество за сите“, вели Жанета Трајкоска, директорка на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во разговор за ДВ.

„Говорот на првите луѓе во една држава е пример како да се однесуваат граѓаните. Овој говор на премиерот ќе создаде ефект на снежна топка и сега ќе имаме наплив на непријателски говор и говор на омраза кон тие што тој ги истакна, односно ‘педерите’ и ‘суетниот новинар'“, потенцира Трајкоска. 

Од таков „развој“ стравува и Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот Комитет.

„Последната изјава на премиерот сериозно ги става под знак прашање неговите претходни ‘заложби' за прифаќање на ЛГБТИ заедницата и обезбедување на еднаков третман во општеството. Ние секојдневно се бориме против ваквиот дискриминаторски говор или говор на омраза, и сега дочекавме токму премиерот да употребува таков говор, за кој ние секојдневно апелираме дека треба да се казнува. Патем, политичарите имаат уште поголема одговорност отколку обичните граѓани. Притоа, опасноста е во тоа дека токму таквиот став преку таков говор, може повторно да го поттикне насилството врз ЛГБТИ заедницата“, изјави Пировска за ДВ.

Демократски дефицит

Неверување и изненаденост, се главните реакции по изјавата на премиерот.

Трајковска вели дека не верувала дека е вистина кога ја прочитала изјавата на премиерот, се додека не го видела видеото. Со или без извинувањето, изјавата ja смета за недолична и неприфатлива од било која јавна личност. „А кога доаѓа од премиер, тогаш е уште посериозна и остава длабоки траги и последици во општеството. Со една реченица успеа да ја навреди ЛГБТИ заедницата и да испрати порака до новинарите дека ако се занимаваат со работењето на Владата тие се суетни, а тоа за јавноста треба да значи дека текстовите не им се вистинити. Ваквиот обид на замрзнување на секоја идна новинарска критика со врамување на новинарите дека се суетни, егоистични, љубоморни, неважни.., а не дека си ја вршат работата и ја контролираат власта, треба да престане веднаш и да се осуди од цела медиумска заедница“, вели Трајкоска.

Такви осуди синоќа стигнаа од новинарските организации ЗНМ и МАН, кои го повикаа премиерот да се извини. Со критика се огласи и поранешната претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Тамара Чаусидис.

„Интегритетот и тестот за новинарот е неговиот производ и само врз основа на него тој смее да биде оценуван, критикуван, фален или деградиран. А тоа секако е работа на публиката, а не е работа на политичарите, а уште помалку на власта. Згора на тоа обидот да барате ‘мотиви' зад неговото пишување - дека ја уривал Владата веќе е ново дно, тоа веќе говори за сериозен демократски дефицит и потреба да се пресмета - не со оние што поткупувале и изнесувале вреќи, пардон брендирани чанти, пари врз основа, меѓу другото, и на демонстрација на блискоста со премиерот, туку со оние кои за тоа говорат или со право поставуваат прашања“, оценува Чаусидис.

А „Рекет“?

Во анализите на (не)коректноста на премиерската изјава, во длабока сенка остана третманот кон главната темата која и беше повод за изјавата – случајот „Рекет“.  Клучните забелешки се дека преку политичка естрадизација на случајот тој може тотално да се измести од правен терен. Според Трајкоска, во прашање е доведено „нивото" на кое се третира овој случај.

„Наместо да видиме брза институционална реакција  и навремено информирање на јавноста, ние како граѓани сме соочени со објаснувања и навреди кои се политикантски и популистички и кои треба да нѐ забавуваат и да ни го отргнат вниманието од размерите на огромниот скандал со кој се соочува оваа власт, но и цела Македонија. Граѓаните сакаат правна разрешница, а не забавно решение“, вели таа. 

Screenshot von der italianischen Zeitung La Verita über das Skandal in Nordmazedonien (La Verita)

Дефокусирање од случајот „Рекет“

Но, тоа ниво вчера ги зафати и меѓупартиските вербални пресметки. ВМРО-ДПМНЕ „најостро ги осуди навреди и заканите на Заев кон новинарите кои го обелодениле неговиот криминал, и навредите врз основа на сексуалната определба".

„Настапот на Заев докажува дека Боки Тредичи  е негова креатура и дека знаел за сѐ што се случува. Толкав гнев и агресија кон луѓе со понаква сексуална ориентација може да се објаснат само со огромна блискост во минатиот период. Заев е очигледно исплашен од медиумските написи дека осомничениот Боки Тредичи има докази против него и ќе ги обелодени“, соопшти опозициската партија и порача дека Заев е главата на октоподот и затоа треба да замине од власт.

ВМРО-ДПМНЕ е најмалку повикана да зборува за навреди и закани, реплицираа социјалдемократите.

„ВМРО-ДПМНЕ 11 години не само што премолчуваше, туку и директно промовираше насилство кон ЛГБТИ заедницата и нејзини претставници. ВМРО-ДПМНЕ предводено од Мицкоски беше изрично и отворено против одржување на Парадата на гордоста, а уште пожестоко се спротиставуваше на носење на Законот за заштита од дискриминација, со кој за првпат се воведе сексуалната ориентација како основа за дискриминација. Единствените кои се во паника се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ на кои од ден на ден им станува се појасно дека е невозможна одбрана на криминалот на режимот“, се вели во соопштението на СДСМ.

Извор: Дојче Веле


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top