Повлечената лиценца од „Гугл“ нема да влијае врз сегашните корисници на „Хуавеи“

Како резултат на интензивните мерки од страна на САД врз кинеските технолошки компании, „Гугл“ ја повлече лиценцата за користење на оперативниот систем Андроид за технолошкиот гигант „Хуавеи“.

Според проценките, ова ќе предизвика сериозен проблем за еден од најголемите производители на паметни телефони на светот, информираат извори блиски до компанијата.

Официјални лица на „Гугл“ истакнаа дека тие само „постапуваат по наредба и ги разгледуваат последиците“ од ситуацијата. Наребата, во овој случај, доаѓа од американскиот Кабинет за трговија кој неодамна ги стави „Хуавеи“ на листата на компании кои не можат да купуваат технологија (и софтвер) од американски компании без одобрение на владата.

Според „Ројтерс“, портпаролот на „Гугл“ потврдил дека „гугл плеј“ и безбедносните заштити од „гугл плеј протект“ ќе продолжат да функционирааат на постоечките телефони на „Хуавеи“.

– Одлуката нема веднаш да влијае врз постоечките телефони ширум светот, но влијанието за идните ажурирања, како и на сите нови телефони кои ќе ги произведе „Хуавеи“ во иднина, останува под знак прашалник – потврди портапролот на „Гугл“.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, заедно со неговата влада, вршеше силен притисок врз „Хуавеи“ во изминатиот период, поради стравувањата дека нивната опрема може да се користи од страна на кинеската влада за да се шпионираат американските мрежи. Овие стравувања на американските власти не се нови, па така во 2018 година, американските разузнавачки агенции предупредија за користење на телефоните на „Хуавеи“ и „ЗТЕ“, а некои политичари во САД ги опишаа како „продолжена рака на кинеската влада“.

Од компанијата „Хуавеи“, пак, тврдат дека не е возможно кинеската владата да ја користи нивната опрема за вакви манипулации и останаа позитивни во однос иднината на нивниот бизнис. Сепак, се очекува овие најнови случувања да предизвикаат сериозни проблеми за нив, особено поради фактот што „Гугл“ и нивниот оперативен систем Андроид беше клучен за успехот на телефоните на „Хуавеи“.

Кинескиот телекомункациски гигант веќе започна со подготовка на сопствен оперативен систем, во случај да добијат забрана за користење на американските оперативни системи Андроид и Виндоус. Но, поради американските стравувања за странско мешање и шпионажа, домашен оперативен систем најверојатно ќе се соочи со уште поголема контрола.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top