Познат фолк пејач се обидел да подметне пожар во студиото на ИН ТВ во Охрид

Во Охрид на камери фатен познат пејач пироман: Сакаше живи да не запали во студио!.

Познат фолк пејач се обидел да подметне пожар во студиото на ИН ТВ во Охрид, додека внатре биле присутни тројца вработени, вчера во вечерните часови. Фолкерот се обидел да го изврши делото, кога ставил вреќа полна со пластични шишиња и чаши пред вратата на студиото, кое се наоѓа сместено на приземје, со решетки на сите прозорци, во индустириската зона во Охрид, и потоа ја запалил. Вратата на студиото била изработена од ПВЦ материјал, лесно запалива.

Трагедијата била спречена сосема случајно, кога еден од тројцата вработени во ИН ТВ, решил да излезе надвор и да запали цигара. Се шокирал кога го забележал оганот кој штотуку почнал да се разгорува, викнал во паника по колегите, и започнале првин да го гасат со нозе, а потоа успеале да го изгаснат со вода. Веднаш повикале полиција и го пријавиле случајот.

,,Како да го објасниме ова што се случи, ако не како обид за наша ликвидација? Се работи за објект со решетки на прозорците, од каде не ќе можевме да излеземе доколку се проширеше пожарот. Паузата за цигара на колегата не спаси, тој излезе надвор, најверојатно само минута по подметнувањето на пожарот. Откако го изгаснавме, дојде и полицијата и заедно ги прегледавме снимките од камерите на студиото. Што да видиме на нив? Нашиот познат фолкер, соработник на ИН ТВ, за кого сме снимале и песни и спотови во минатото! Присутен на естрадата со децении, редовен на турнеји кај дијаспората. Дури и редовен гостин кај нас, чисто така, на кафе, од време на време’’ – раскажува за ,,Фокус’’ Ване Петкоски, продуцент во ИН ТВ.

Тој додава дека пејачот и вчера, во тек на денот два пати бил забележан околу студиото. На камерите забележале дека им ги украл перничињата од столиците кои им стоеле надвор, пред студио, но вели дека на кражбата гледа како на болест и нема да покрене постапка за неа, но подметнувањето на пожарот е сосема друга приказна.

,,Како што дознав од наши соработници и негови колеги, му сметала нашата соработка со други пејачи, кои се негова конкуренција. Претпоставувам дека мислел ако мене ме нема, ќе нема кој да работи со неговите конкуренти, па тој ќе биде пејач број еден.

Снимавме неодамна спот со позната фолк група во ИН ТВ, а потоа тие добија понуда за турнеја во Австралија. Слушнав дека се жалел како поради нас ја изгубил турнејата, на која одамна планирал да оди. Од сето ова, што друго да заклучиме, освен дека личноста е пореметена? Оставам на полицијата да си ја заврши работата како треба’’ – вели тој.

Додава дека во првите моменти, кога на снимките видел за која личност се работи, бил изреволтиран и сакал јавно да ги сподели, но од полиција го посоветувале да не го прави тоа, иако и самите полициски службеници го препознале на истите.

,,Настанот се случи околу 20 часот, потоа ја чекавме полицијата да дојде, да завршат сите разговори и формалности со нив. Додека чекавме, го забележавме како помина неколку пати со автомобилот покрај студиото. Следел што ќе се случува. Какво лудило’’ – раскажува Петкоски.

Од СВР Охрид ни го потврдија настанот. Велат дека станува збор за делото предизвикување на општа опасност, и се работи на случајот.

,,Наша екипа излезе на увид, известен е Јавниот обвинител, се прибираат докази и видео материјали. Со осомниченотолице ќе се разговара денес’’ – изјавија од СВР Охрид.

Извор/ Фокус


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top