Пратеници формираа Иницијатива за една изборна единица

Во Собранието на Македонија се формираше Иницијатива за една изборна единица, во која се вклучија 12 пратеници од 10 партии и еден независен пратеник..

На средбата во собранискиот Клуб на пратеници, одржана на 11 септември, формирана е група од пратеници кои се залагаат за пропорционален изборен модел со една изборна единица.

Пратениците од Иницијативата бараат да бидат вклучени во процесот на измена на Изборниот законик, на кој, како што велат, се обврзани како држава по забелешките на ОБСЕ/ОДИХИР од последните парламентарни избори. За таа цел, денес писмено пабарале состанок со претседателот на Собранието, Талат Џафери, и со претседателите на трите партии СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, кои го водат овој процес.

„Цениме дека на ваков начин ќе се обезбеди поголема транспарентност и инклузивност на целиот процес, како и почитување на вољата на оние граѓани кои очекуваат демократизација на земјата преку измени во изборниот модел. Речиси две децении, од 2002 година досега, во Македонија на сила е пропорционален изборен модел со шест изборни единици. Тоа е доволен период за да може да се видат и анализираат позитивните и негативните ефекти од него. Тој беше секако подобар од претходниот мнозински изборен модел, зашто обезбеди поправичен избор на пратеници според бројот на гласови на гласачите. Сепак, распределбата на остатокот од гласовите од листите кои не обезбедиле мандат, преку Донтовиот метод, оди во прилог на најголемите субјекти“, велат пратениците кои иницираат една изборна единица.

Според нив, најголемиот недостаток на овој модел е ограничувањето за листи на партии или поединци да обезбедат мандат, доколку немаат концентрација на гласови во една изборна единица. Така, велат тие, се случуваше да отпаднат листи кои на ниво на цела држава имаа 30-40.000 гласови, а во Парламентот да може да влезат, со мали исклучоци, само неколку поголеми партии.

„Ова имаше директно негативно влијание врз македонската демократија, стимулирајќи само неколку големи партии, принудувајќи ги другите политички субјекти во предизборни коалиции, а на граѓаните оневозможувајќи им да влијаат директно врз изборот на пратеник од одреден идеолошки профил, надвор од понудата црно-бело“, се вели во соопштението на
Иницијативата за една изборна единица, зад која стојат Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Рубин Земон, Ферид Мухиќ, Мирослав Јовановиќ, Панчо Минов, Самка Ибраимоски, Јулиана Николова, Јусуф Хасани, Реџеп Мемеди, Алија Камбероски и Амди Бајрам.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top