Преговорите со НАТО за Македонија се речиси рутински - се подготвуваме веќе 19 години

Пристапните разговори за членство во НАТО, кои вчера почнаа во Брисел, за Македонија се речиси рутински, едногласни се и домашните и претставниците на Алијансата, особено затоа што земјата веќе 19 гoдини и формално се подготвува за членство..

Македонија во 1999 година го почна Акцискиот план за членство (Membership Action Plan), процес кој преку годишни програми на реформи треба да ја подготви земјата за членство, и досега спроведе цели осумнаесет циклуси на подготовки.

Целта на пристапните разговори, според објаснувањето на интернет страницата на НАТО, е поканетата земја формално да ја потврди својата волја и способност да ги преземе политичките, законските и воените обврски од членството во НАТО, како што се поставени во Вашингтонскиот договор, основачкиот акт на Алијансата.

Разговорите се одвиваат во две сесии. Во првата, се разгледуваат политички и воени прашања, и во основа треба да се утврди дека се постигнати основните предуслови за членство. Во втората сесија се разговара за технички прашања, како ресурси, безбедносни и законски прашања, како и придонесот на секоја членка во заедничкиот буџет на НАТО. Овој придонес се одредува пропорционално во однос на големината на економијата на земјата во однос на економиите на другите членки. Во оваа сесија се бара од земјата да преземе мерки за заштита на доверливите (класифицирани) информации од НАТО и да ги подготви своите безбедносни и разузнавачки служби да работат со Канцеларијата за безбедност на Алијансата.

Крајниот производ на овие разговори е земјата да подготви и поднесе календар до кога ќе ги заврши потребните реформи, кои можат да продолжат и откако земјата ќе стане полноправна членка.

– Преговорите ја покриваат безбедноста, одбраната, политичките, правните и финансиските прашања како и целите и роковите кои Скопје треба да ги исполни за време на и по зачленувањето – изјави портпаролката на генералниот секретар на НАТО, Оана Лунгеску.

Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, заедно со Националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски, вчера ја почнаа првата сесија со помошник генералниот секретар на НАТО, амбасадорот Александро Алваргонзалес, и со тимот на НАТО за преговори со Македонија.


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top