Претседателот Бартомеу откри што ја очекува Барса ако Каталонија стане независна

Поради случувањата во Каталонија, односно најавеното отцепување на оваа покраина од Шпанија, прашање е што ќе се случи и со Барселона, Еспањол и Џирона, кои во моментов настапуваат во шпанската Ла Лига..

Жозеп Мариа Бартомеу, претседателот на Барселона, открива што ќе се случи со 24-кратниот шпански шампион ако се спроведе одлуката на каталонскиот народ од референдумот за независност од Шпанија.

Преку 90 проценти од оние кои гласале на референдумот биле за независност. Поточно, од 2.262.424 ливчиња кои шпанската влада не успеала да ги заплени, 2.020.144 биле за независност.

Каталонските власти тврдат дека вака изразената волја на народот е обврзувачка и дека следува постапка за раздружување од Шпанија и прогласување на самостојна и суверена Каталонија.

Шпанија референдумот и резултатите не ги признава, па според најавите ќе ја укине автономијата која ја има Каталонија.

Барселона го очекува расплетот, а Бартомеу по состанокот на управата ги објави следните чекори на клубот.

„Во случај на независност, клубот и неговите членови ќе одлучат во која лига ќе играме“.

Англиските и француските медиуми пишуваат дека Барселона сериозна размислува да се приклучи на Премиер лигата или Лига 1.

„Минуваме низ тежок, комплициран период. Со оглед на она што ќе се случи во иднина, ќе одлучиме мудро и смирено. Оваа ситуација се уште нема јасен исход. Невозможно е сега да се каже што ќе се случува. Сепак, ако дојде до независност на Каталонија јасно е дека ќе мораме да одржиме разговор со челниците на Ла Лига да видиме што и како понатаму.“, изјави Бартомеу.

Каталонскиот министер за спорт Жерар Фигерас минатата недела изјави дека Барселона, но и другите каталонски клубови, ќе можат да играат во првенствата на другите земји ако Каталонија прогласи независност од Шпанија:

„Во случај на независност, каталонските клубови од Ла Лига, Барселона, Еспањол и Џирона, ќе мораат да одлучат во чие првенство ќе играат – шпанското, италијанското, француското или англиското. На крајот секогаш им останува каталонското првенство“.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top