Претседателот Трамп потпиша прокламација во чест на Мартин Лутер Кинг

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша прокламација во чест на лидерот за граѓански права, д-р Мартин Лутер Кинг, чиј роденден на 15-ти јануари, ќе биде одбележан како федерален празник..

Опкружен со членови на кабинетот и други виши претставници, претседателот од Овалната канцеларија во Белата куќа, го истакна животот на Кинг, неговата посветеност на граѓанските права на Афроамериканците и фактот дека целиот свој живот проповедал за љубов меѓу сите луѓе.

„Денес жалиме за неговата загуба, го славиме неговото наследство и се залагаме да се бориме за неговиот сон за еднаквост, слобода, правда и мир. Ја потпишувам прокламацијата, со што 15-ти јануари, 2018-ма година ќе се одбележи како федералниот празник Мартин Лутер Кинг Џуниор. Воедно, ги повикувам сите Американци овој ден да го посветат на активности во граѓански служби и ангажмани во општините, се` во чест на извонредниот живот на д-р Кинг“, кажа Трамп.

По церемонијата, претседателот ги игнорираше прашањата на новинарите во врска со коментарите што тој наводно ги дал за време на неодамнешниот состанок во Белата куќа посветен на имиграцијата. Според изјавите на законодавци присутни на средбата, Трамп користел вулгарен речник за да ги опише Хаити и африканските нации.

Празникот Мартин Лутер Кинг Џуниор, се слави секој трет понеделник во јануари. Првично беше потпишан во закон во 1983-та година од тогашниот претседател Роналд Реган.

Се слави во знак на почит кон Кинг за неговите активности во борбата против сегрегацијата и друг вид на неправда базирана на расна основа, преку мирни маршеви и протести. Мартин Лутер Кинг во 1964-та беше добитник на Нобеловата награда за мир. Беше убиен во 1968-та година.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top