Рама: Избори ќе има на цела територија на Албанија, а 30 јуни ќе биде еден обичен ден

Масовниот протест на обединетата албанска опозиција одржан во петокот навечер, се чини најмалку не го разниша ставот на премиерот Еди Рама по секоја цена да се оди на избори на 30 јуни..

Дури за да го покаже тоа на изборниот митинг одржан синоќа во градот Финиќ носеше капа со бројот 30.

Од митингот тој порача дека на 30 јуни избори ќе има на целата територија на земјата и оти денот на изборите ќе биде еден обичен ден, но доколку има спорадични случаи, како што рече, ќе бидат „немоќни да го блокираат процесот”.

– На 30 јуни, изборите ќе се одржат на целата територија на Албанија. Го знаеме резултатот однапред не поради она за што не обвинуваат, туку затоа што сме многу организирани и постојано работиме. Напорите за судири на изборите за да се создаде конфликт и враќање на Албанија назад немаат никаква шанса. На 30 јуни Албанија ќе спроведе избори. Убеден сум дека 30 јуни ќе биде нормален ден, дури и ако постојат спорадични, очајни напори, тие ќе бидат немоќни да го блокираат изборниот ден кога народот треба да зборува, ден кога импонира едно малцинство на слепци и губитници кои го изгубиле компасот, рече Рама.

Тој додаде дека во еден дел од земјата има по еден кандидат за градоначалник, а во друг дел повеќе од еден кандидат. Тука, во Финиќ, имаме повеќе кандидати, затоа, посочи Рама, ќе има трка која не треба да се потцени.

Инаку, поради одлуката на опозицијата за бојкот, на локалните избори дури во 35 од вкупно 61 општина, во трката за градоначалник се наоѓа по еден кандидат и тоа од владејачката изборна коалиција Алијаса за европска Албанија предводена од Социјалистичката партија.

Коалицијата со свои кандидати учествува во сите општини.

Во останатите 26 општини во трката за градоначалник покрај кандидатите од владејачката коалиција се и кандидати од неодамна регистрираната партија Демократско убедување (17), независни кандидати се седум, по еден кандидат имаат коалицијата Надеж за промени, македонската партија МАЕИ, грчката партија Мега, Комунистичката, Конзервативната и партијата Нов демократски дух.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top