Рама ја критикуваше ЕУ: Не е фер да преговараат со Црна Гора и Србија, а не со нас

Рама, кој се залага за „унија“ со Косово ако земјите од Западен Балкан не влезат во ЕУ, тврди дека стравовите од „спојувањето на Албанија и Косово“ не се зголемуваат..

Албанскиот премиер Еди Рама вчера ја критикуваше Европската Унија затоа што укинувањето на визите за Приштина го условува со демаркацијата со Црна Гора, а истовремено преговара со Србија, која, како што вели, дури не ја ни признала косовската независност, а камоли „границите со Косово“.

Тој верува и дека не е фер тоа што ЕУ преговара за пристапување на Црна Гора и на Србија во ЕУ, но не и со Албанија, која, според него, е понапред во спроведувањето на судските реформи од официјална Подгорица.

Во интервју за виенски Стандард Рама потврди дека кога зборува за „мали унии“, мисли на Косово, бидејќи, како што вели, повеќе не живееме во комунизмот и можеме да зборуваме слободно.

„Предците на младите Косовци живееја во една држава, во која нивната етничка припадност и статусот на република не беа признаени. Сега тие имаат своја држава, но се фатени во лебдечка состојба. Тие се единствените жители во цела Европа што не можат да излезат од својата земја и тоа поради некоја глупост! Ним им се поставуваат услови за добивањето безвизен режим. ЕУ рече: прво мора да имате договор за демаркација со Црна Гора, а истовремено Унијата преговара со Србија, земја што дури не го ни призна Косово, а камоли границите на Косово“, вели Рама.

Албанскиот премиер вели дека тој, без разлика што велат другите, секогаш ќе се грижи за Албанците што живеат во други земји, зашто, како што објаснува, тоа било пропишано со албанскиот Устав.

„Нашиот Устав јасно вели дека албанската држава се грижи за сите Албанци во светот“, вели Рама и додава дека не се мешал во Македонија, туку само помагал зашто било побарано од него.

Рама, кој се залага за „унија“ со Косово ако земјите од Западен Балкан не влезат во ЕУ, тврди дека стравовите од „спојувањето на Албанија и Косово“ не се зголемуваат.

„Не затоа што јас така сакам, туку затоа што станува збор за логика. Косовците беа под многу брутален режим и не можеа да одат во Европа, а сега тие имаат своја држава, и пак не можат да патуваат. Постои не само замореност од проширувањето, туку и замореност од трпеливоста“, рече тој.

Рама верува дека сето ова е неправда и дека неговиот став би бил ист и кога слична неправда би ѝ била направена и на Србија.

„И да беше Србија изолирана, ќе кажев: каква глупост е тоа“, тврди Рама.

Во врска со договорот со косовскиот премиер Рамуш Харадинај дека треба да се олесни „граничната контрола“, Рама вели дека Албанија сака „границите со Косово“ да бидат според моделот на оние помеѓу Австрија и Швајцарија.

„Сакаме полесно управување со границата, не баш без контрола. Меѓутоа, двете страни ќе бидат споени“, рече албанскиот премиер, додавајќи дека Тирана е подготвена да воспостави таков систем на контрола со сите земји од регионот.

Смета, меѓутоа, дека ЕУ мора да се реформира.

Убеден дека повторното воспоставување на „оската Берлин и Париз ќе го поттикне тоа“, Рама вели дека очекува промена на курсот во однос на стратегијата за проширување, и дека е поважно што прави Европа, а не што вели.

„Во случајот на Албанија тоа е сосема нефер. Албанија долго пред Црна Гора беше членка на НАТО. Покрај тоа, во одлучувачките судски поглавја отидовме понапред од Црна Гора. А Србија мора допрва да ги спроведе овие реформи. Ние тоа веќе го сторивме. Фантастично е што овие земји преговараат, но не е фер што ние не го правиме тоа“, заклучува Рама.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top