САД бомбардирале сопствена база во Сирија за да не може никој да ја користи

„Дали е ова онаа Америка во која верувавте додека растевте?“, праша републикански конгресмен..

Американската војска бомбардирала своја сопствена база како дел од избрзаното повлекување од Сирија, додека се приближувале милициите што ги поддржува Турција, потврди член на операцијата „Непоколеблива решеност“.

Авионите го збришале објектот во фабриката за цемент Лафарж, меѓу Аин Иса и Кобане во близина на турската граница, само неколку часа откако се повлекле војниците, изјави портпаролот.

Месецов Доналд Трамп контроверзно им нареди на копнените трупи да заминат од регионот каде што ги поддржуваа Сириските демократски сили (СДФ) предводени од Курдите во битката против ИСИС, по што Турција нападна делови од северна Сирија. Русија го пополни испразнетото место и рече дека ќе дејствува како посредник што ќе ги спречи борбите меѓу турските и сириските владини воени сили.

Во средата се појавија снимки на руски војници што влегуваат во американска база во стратегиски важниот град Манбиџ.

Соопштувајќи ја одлуката на САД да извршат воздушен напад врз една од сопствените бази, полковникот Мајлс Кегинс, портпарол на операцијата „Непоколеблива решеност“ напиша на Твитер: „Коалициските сили продолжуваат со планираното повлекување од североисточниот дел од Сирија. На 16 октомври ги напуштивме Фабриката за цемент Лафарж, Рака и Табка“.

Пет часа подоцна, тој додаде: „На 16 октомври, откако заминаа сите луѓе од Коалицијата со основната тактичка опрема, два коалициски Ф-15Еки успешно спроведоа претходно планиран прецизен воздушен напад врз фабриката за цемент Лафарж за да ја уништат муницијата и да ја намалат воената употребливост на објектот.“

Републиканскиот конгресмен Адам Кизинџер, кој го претставува Илиноис, порача: „Намерно сме бомбардирале сопствена база, бидејќи импулсивната одлука на Доналд Трамп не остави време за соодветна евакуација. Дали е ова онаа Америка во која верувавте додека растевте?“

Мајк Пенс и Мајк Помпео, потпретседателот и државниот секретар на САД, денеска треба да се сретнат со Ердоган во Анкара, во обид да го убедат да се повлече.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top