Си беа двајца пријатели, со различна вера и иста љубов кон рок музика

Пишува: Отец Пимен (Фејсбук статус).

Си беа двајца пријатели. Со различна вера и иста љубов кон рок музика. Се почитуваа, си потпевнуваа понекогаш стари добри рафрени. Чат-пат се експонираа во јавност.

Она што сакаа да покажат, како духовна поука, беше дека се луѓе пред сè, и дека сите најпрвин треба да се луѓе, а потоа верници. Оти може да си добар музичар или автолимар а лош човек, но не може да си добар верник, а да си лош човек.

Веруваа дека нивниот пример на добро ќе ги поттикне останатите без разлика на вера и нација, па колку и да изгледа световно сè тоа.

Па така едниот снимаше спот во родниот крај на другиот и го покани да се видат. Другиот со радост ја прифати поканата. Дури и му помагаше да го врзат бас тапанот на шкодата. И во еден кадар влета во спотот.

Не стандардно за епископ, се разбира. Но, што подразбираме под стандардност? Епископот да служи во недела, а во останатите денови да чека некој да влезе во канцеларија и да го види големиот духовник или пак, да се обиде да ја смени таа перцепција за свештенството? Да ги надмине меѓите на црквата или да им проповеда редовно на оние неколку бабички во црквата?

Сепак ќе рече некој, па дали е време сега за нестандардност кога црквата се соочува со раскол и кога монаштвото се соочува со длабока духовна криза?

Ако зборува за расколот со ПОА сигурно знае дека тоа е старо скоро две децении и баш на терен нема некои сериозни последици од истиот. Не сум чул да преминале луѓе од едната на другата страна, особено не поради нестандардноста не еден или повеќе епископи од било која страна. И дека духовна криза во монаштвото не значи националистички напади и распнувања врз еден признат духовник кој возобновил монаштво во западниот дел на Македонија поради една негова изјава. Нити отецот ја загубил верата поради изјавата и нападите, нити пак вистинските верници кои се црквуваат преку Евхаристијата, ја изгубиле верата и националноста. Така да, не станува збор за духовна криза, туку за хипокризија на номиналните демохристијани за кои нацијата е пред верата.

И дека треба да се биде храбар и да не се к…., дека да си човек не е опасно.

П. С. Еве на крај и да признам дека желбата за експонирање делумно произлегува и од суетата на епископот со која ќе се бори до моментот на преселување во Царството Небесно. А потоа таму ќе видиме дали ја победил, дали со нестандардноста и експонираноста ја зголемил верата кај паствата или пак ја уништил.

Последниот суд не е наш. Па затоа не брзајте, оти е речено да не судиме за да не ни биде судено.
Лесни пости!


Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top