Силјановска: Ако на моите се додадат гласовите на Река, приказната е јасна

Силјановска слави победа..

Не сум човек што потонува во триумфализам, знам дека допрва следува битката, но мислам дека ако ние добивме толкав број гласови и ако на тие ги додадеме оние на Блерим Река како независен кандидат поддржан од две партии, приказната е јасна – обајцата зборувавме за крај на корупцијата, за демократија, приказната е демократска и европска. Во спротивно, ќе останеме закопани во транзицијата, рече кандидатката за претседателка на државата од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска-Давкова.

„За некој како мене кој во целата кампања укажуваше на неодржливоста на систем на режим во кој отсуствува владеењето на правто, систем потонат во корупција, криминал и непотизам, тоа е најважно, значи опозицијата успеала навистина не само да им предочи туку и да ги убеди граѓаните дека во отсуство на право и правда ние можеме да си раскажуваме приказни за ЕУ и НАТО зашто само со исполнување на Копенхашките критерум може да се добие почеток на преговори“, рече таа.

Силјановска-Давкова порача дека мора да се стави крај на транзициските профитери, недочуените, фрустрираните, кои во целиот период на самостојна и независна Македонија трчале од функција на функција и сега сакаат да завршат со највисоката – претседател на Република Македонија.

„Но, мислам дека на оваа земја ѝ треба нов профил на политичари, не оние од комунизмот, нов профил на политичка култура, нов профил на лидерство – европско, храбро и интелектуално“, рече Силјановска-Давкова.

Таа рече дека претседателските ги поврзува со предвремени парламентарни избори. „Ако беше Владата сериозна, уште вечерва ќе размислуваше еднаш да се опстои на зборот и да рече време е да го тестираме системот за кој велиме дека е најдобриот, ама народот не го потврдува тоа“, потенцира Силјановска-Давкова.

Таа рече дека многу време ѝ требало да одлучи дали да прифати ваков предизвик. Но, додаде дека има во животот моменти кога си велите дека должни сте да ставите едно камче во демократскиот мозаик зашто вака како да се вртиме во круг.

„Во кругот се вртат исти личности, уште се лидери на партии, до неодамна беа пратеници или, пак, нивни клонирани наследници, истата реторика, заложби и истите тврдења и мислам дека треба да ставиме крај на сето ова. Крајот се насетува, јас немам што да изгубам. Моите тези се јасни, потврдени во регионот, во некои држави. Македонија не е само слаба држава, туку и во многу елементи е пропадната држава, потребен ѝ е радикален пресврт. Колку што тие ќе удираат ниско, толку ние ќе се качуваме повисоко“, рече Силјановска-Давкова.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top