Светскиот фонд за природа: Европа остана без риба

Според најновиот извештај на Светскиот фонд за природа (ВВФ), ЕУ до крајот на годината ќе мора да зависи од увозот на риба од други земји..

Европа до денес ги искористила сите домашни рибји ресурси. Словачка уште на 18 февруари останала без домашни риби, Романија на 29 февруари, Бугарија на 1 јуни, а Унгарија истата судбина ја чека на 17 август.

Европа конзумира многу повеќе морски плодови отколку што може да улови во домашните води или да одгледа во рибниците. Сега веќе повеќе од половина од годишната побарувачка доаѓа од странство, главно од земјите во развој.

Според податоците на Европскиот пазарен опсерваториј за риболов и аквакултура (ЕУМОФА) ова е листата на земји од ЕУ кои најмногу конзумираат риба по глава на жител: Португалија (55,3 килограми), Шпанија (46,2), Летонија (44,7), Франција (34,4) и Шведска (33,2 килограми). Кога би се гледало вкупното европско население, секој европски граѓанин во просек годишно троши 22,7 килограми морски плодови.

Земјите кои имаат онолку риба колку што конзумираат (или повеќе) се сметаат за самостојни. Тука се на пример Хрватска, Холандија и Ирска. Оние земји кои со домашните производи не ги задоволуваат потребите на своето население во еден момент доаѓаат до таканаречениот Ден на зависност од риба (на англиски Fish Dependence Day).

Иако државите од централна и источна Европа значително помалку конзумираат риба од на пример Португалија или Франција, кај тие земји сепак е забележано рано пристигнување на Денот на зависност од риба.

Словачка конзумира 7,8 килограми по жител, Романија 6,3, Бугарија 6,0, а Унгарија 3,6 килограми.

Светскиот фонд за природа предупредува на прекумерниот лов и истакнува дека повеќе мораме да внимаваме на океаните и морињата ако сакаме рибата во иднина да остане одржлив извор на храна. Европскиот ден на зависност од риба сега доаѓа еден месец порано отколку пред 20 години, а Европа пред 30 години можела да ја задоволи побарувачката со домашна риба сѐ до септември или октомври.

Иако некои европски резерви на риба се стабилизирале, поради мерките на заштита кои ги презема ЕУ, нивото на самостојност на Унијата и понатаму е многу ниско.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top