Трамп: Бајден e против Бог и сака да ви го одземе правото на оружје

Претседателот на САД, Доналд Трамп, тврди дека неговиот противник на претседателските избори во САД во ноември, Џо Бајден, е против Бог, иако Бајден често зборува дека неговата католичка вера го води во извршувањето јавна функција..

Заостанувајќи зад Бајден во анкетите на јавното мислење во Охајо, Трамп вчера ја посети традиционално неодлучната федерална држава во обид да ги освои нејзините гласачи бидејќи епидемијата на коронавирусот ги уништува неговите шанси да освои втор мандат.

Републиканскиот и демократскиот кандидат за претседател на САД во кампањите вложуваат многу напор во т.н. неодлучни држави, во кои гласачите се колебаат помеѓу двете партии.

По обраќањето на мала група на аеродромот во Кливленд, Трамп одржа говор во стил на предизборна кампања во фабриката „Вирлпул“ во Клајд, Охајо.

„Тој следи радикално лева политика: одземање на вашето оружје, уништување на вториот уставен амандман, нема вера, нема ништо, повреди ја Библијата, повреди го Бог“, напиша Трамп за Бајден во својот говор во Кливленд. „Тој е против Бог“, заклучи тој.

Вториот уставен амандман им гарантира на Американците право да носат оружје.

Трамп не објасни што точно мислел со своите тврдења, ниту ги поткрепил со докази. Сепак, неговите обвинувања може да ја засилат поддршката за христијанскиот блок во Републиканската партија и да му наштетат на Бајден, првиот католички потпретседател во американската историја. Џон Кенеди беше првиот католички претседател и беше избран во 1960 година.

Во изјавата објавена вчера по говорот на Трамп, Бајден одговори дека нападот на Трамп е срамен и дека верата отсекогаш била основа на животот на Бајден.

„Зборовите на претседателот Трамп откриваат повеќе за него отколку за некој друг. Тие откриваат човек кој е подготвен да оди колку што е можно пониско за политичка корист и некој чии дејства се во строга спротивност со вредностите и учењата за кои тој тврди дека верува“, рече Бајден.

Според истражувачкиот центар „Пју“, повеќе од три четвртини од Американците се христијани или припадници на други вери.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top