Валверде го правда астрономското трошење: Не можеме секоја година да вадиме нов Меси, Иниеста или Чави

Барселона го промени курсот на дејствување во последните години, па го презеде приматот на Реал Мадрид како најголем трошаџија во една сезона, соборувајќи го рекордот на „Кралевите“ од 2009. година..

Со доаѓањето на Филипе Кутињо за 120 милиони евра (плус 40 милиони во бонуси) и се поизвесното доаѓање на Јери Мина, ќе се стави точка на енормното трошење на Барселона сезонава. Претходно Каталонците го обезбедија потписот на Дембеле за 105 милиони евра (плус 40 милиони во бонуси), како и Паулињо (40 милиони), Нелсон Семедо (30 милиони), Делофеу (12 милиони) и Марлон (5 милиони) со што се дојде до тотална сума од 332 милиони евра потрошени за нови играчи во една сезона.

Поради тоа Барселона се најде на удар на критики дека повеќе не произведува свои играчи од култната „Ла Масија“ со која се гордее и упорно се фали, како и тоа дека вложува огромна сума на пари во готов производ, што не е одлика на каталонскиот гигант, ако се знае дека од својата академија во изминатите години лансираше играчи како Меси, Иниеста, Чави, Пујол, Пике, Бускетс, Жорди Алба…

Сепак, тренерот на Барселона, Ернесто Валверде, го оправдува овој потег на управата на клубот.

Филозофијата на Барса е секогаш иста. Клубот е активен на пазарот и секогаш се обидува да ги доведе најдобрите играчи. Меѓутоа, управата константно го следи напредокот на сопствените играчи. Чави, Иниеста и Меси се неповторливи и нормално е некои генерации да даваат повеќе, а некои помалку играчи кои ќе конкурираат за првиот тим“, изјави Валверде, кој потоа се осврна на Филипе Кутињо.

„Се надеваме дека Кутињо ќе ни помогне да освоиме што е можно повеќе трофеи. Може да игра на повеќе позиции така што брзо ќе се вклопи во тимот. Многу сме задоволни бидејќи доведовме играч кој многу асистира и дава голем број на голови, но неговото позитивно расположение исто така придонесува за духот на екипата“, изјави Валверде.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top