Вашингтон бара од Германија да испрати војници во Сирија

Соединетите Американски Држави побараа од Германија да ја поддржи борбата против остатоците од радикалната исламистичка група Исламска држава (ИСИС) со испраќање војници на помош на Сириските демократски сили (СДФ) на североистокот на Сирија..

Специјалниот американски претставник за Сирија и коалицијата против ИСИС Џејмс Џефри сака германската влада да испрати воени инструктори, експерти за логистика и техничари на Бундесверот.

„Сакаме германски војници да ги заменат нашите трупи“, кажа Џефри за Велт ам зонтаг. „Очекувам одговор до крајот на месецот“.

Американските сили им помагаат на СДФ кои се сочинети од курдските нерегуларни оружени единици ИПГ и други бунтовнички групи. Во март СДФ го зазема последноот упориште на ИСИС во Сирија, но радикалните исламисти се сѐ уште активни во илегала.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави во јануари повлекување на речиси две илјади американски војници, колку што се стационирани на североистокот на Сирија. Подоцна го смени мислењето и кажа дека ќе остави околу 400 за да помогнат во стабилизацијата на курдскиот регион кој се протега на двете страни на ирачко-сириската граница.

Оттогаш САД се обидуваа да ги убедат сојузниците во борбата против ИСИС, вклучувајќи ја Германија, да испратат замена за американските војници кои почнаа да се повлекуваат.

Германија ја поддржува коалицијата против ИСИС со разузнавачки авиони и воздушни танкери од Јордан и инструктори во Ирак.

Нивната мисија треба да заврши на крајот на октомври, но министерот за надворешни работи Хеико Мас за време на посетата на Ирак во јуни сигнализираше дека би можела да биде продолжена.

Таквата одлука треба да ја одобри германскиот парламент кој тоа може да го направи најрано во септември.


Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top