(ВИДЕО): Амди Бајрам ја преспа седницата за пратенички прашања

Пратениците на најголемата опозициска партија, ВМРО- ДПМНЕ ја бојкотираа седницата за пратенички прашања во Собранието поради продолжување на притворот на нивни сопартијци..

Но во салата имаше и пратеници кои не беа заинтересирани да им постават прашање премиерот или министрите. Пратеникот Амди Бајрам, кој пред скоро ја напушти коалицијата со ВМРО- ДПМНЕ, ја преспа речиси целата седница.

Владата е отворена за соработка со сите партии за спроведување на реформите со надеж во скоро време да се добие датум за преговори – одговори премиерот Зоран Заев на прашање од пратениците на сега опозициската, Алијанса за Албанците. Заев порача дека жали што Села не го прифатил министерското место за реформи, кое според премиерот е од исклучителна важност.

„Што направивте господине Заев, реформација или дополнување на испразнетите места?“, вели Сирија Рашиди – Алијанса за Албанците

„Ние останавме со предлог за потпретседател за реформи. Реформите се најважна работа на Владата во овој период и оној кој претстои. Жалам што не се прифати тоа место“, вели Зоран Заев – Претседател на Влада на Р.М.

Пратениците од власта пак прашуваа за дислокацијата на дел од спомениците, која најави премиерот. Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, предупреди дека тоа мора да спроведе многу внимателно, бидејќи тие се доказен материјал во случаи на Специјалното обвинителство.

„Што ќе се прави со споменикот на Ќосето? Што утврди до сега работната група за законските процедури и фактите како е поставен?“, вели Ирена Стефоска – СДСМ

„Секоја идна позитивна акција во тој поглед од градот или општината треба да ја земе предвид и забелешката на СЈО, кое што вели дека евентуалното отстранување треба да се врши на таков начин што нема да претставува уништување затоа што споменикот на Андон Ќосето меѓу другото претставува и материјален доказ во евентуална постапка за утврдување на кривична одговорност“, вели Роберт Алаѓозовски – министер за култура

По пратеничките прашања, пратениците го изгласаа предложените измени во законот за Судски совет, кој се носи по скратена постапка. Законот за заштитени сведоци дополнително ќе се усогласува со опозицијата, откако ВМРО- ДПМНЕ ќе се врати во Собранието. Спикерот Џафери уверува дека тоа ќе се случи по празниците.

„Првите работни денови на Собранието поконкретно од 9-ти па натаму, моите очекувања се да Собранието биде во полн состав“, вели Талат Џафери – Претседател на Собрание на Р.М.

Според најавите на Џафери на дневен ред ќе се најде Законот за јазици, изборот на Уставни судии и законите за реформи во правосудството.



Copyright 2017 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.




Scroll To Top