(ВИДЕО) Колинда отвори дебата за СФРЈ, почнаа критиките

Во дел од хрватските медиуми се нижат осудите на изјава на претседателката Колинда Грабар Китаровиќ. Станува збор за нејзина изјава за животот зад Железната завеса и понижувањата кои наводно ги доживувала на граничните премини со црвениот пасош на СФРЈ..

Китаровиќ ова го кажа во Вашингтон, каде што ја прими Фулбрајтовата награда за животно дело, а делови од говорот подоцна се обиде да ги објасни на премиерата на филмот за поранешниот играч на Хајдук Иван Гудељ.

Порталот Индекс пишува дека Грабар Китаровиќ повторно ја отвора темата за Југославија, државата за чии демократски дефицити, ако веќе нема попаметни и поактуелни теми, би можела и да ја кажува вистината, но на неа вистината не ѝ е, очигледно, доволно ефектна.

Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски таквото однесување на Грабар Китаровиќ го објаснува со нејзината желба да им се допадне на оние на кои им се обраќа. Тоа, како што истакнува, е нејзиниот основен мотив.

„Таа така зборува, го има тој текст без содржина, полн со фрази. Веруваше дека на публиката таму во Вашингтон може да им се допадне и едноставно, како пто тоа на луѓето сѐ уште им се случува, заборави дека тоа што таму го кажува за два часа може да го дознае целиот свет, па и Хрватска“, кажа Пуховски.

Тој додаде дека статистиките покажуваат дека таа има значителен удел од постарото население меѓу гласачкото тело.

„Тие луѓе се од бројни гастарбајтерски семејства, стотици илјади луѓе работеле во странство, секоја година по двапати доаѓале во Југославија, пола Југославија живееше од нивните девизи, можепе да се оди кај нив во Германија, Франција, Шведска... ако имавте пари и добра волја, без тешкотии. Значи таа зборува директно против искуствата и колку и да се луѓето ориентирани на идеологијата и колку и да е нејзиното гласачко тело помалку образовано, личните искуства не можете така лесно да ги заборавите“, кажа тој.

Пуховски е уверен дека Грабар Китаровиќ притоа невнимателно верувала дека тоа нема да стигне до Хрватска.

Според него, тоа може да се види и од реакцијата дека тоа е жално, површно интерпретирање на нејзиниот говор бидејќи, наводно, во него немало некои подлабоки теми кои тој, ни со најдобра желба, не ги нашол.

„Таа имаше говори во кои можеа да се најдат некои тези, ни се допаѓале или не, но тука нема ништо, само тие фрази за семејството, за нацијата и таа Железна завеса како симбол кој на Американците нешто им значи. Американците, нормално, појма немаат каде тие граници во Европа точно биле. Тоа е една интерпретација на светот од Студената војна која таа очигледно главно ја собрала за време на својата работа за НАТО кој токму во тоа време кога таа беше таму ја почна новата фаза на обновување на студената војна кога се виде дека Путин јакне“, вели Пуховски.

А кога станува збор за црвениот пасош и проблемите на границите и констатацијата дека и покрај исклучителната хрватска приврзаност кон САД, во таа држава и понатаму можат да патуваат само со виза, Пуховски додаде дека кога ќе отидете во Америка тие и понатаму ги повториваат истите прашања како во седумдесеттите – дали сте терорист, комунист или хомосексуалец.

„Денес не е ништо полесно да се отпатува во САД отколку во југословенско време, но во странство тогаш се патуваше полесно од денес. Не поради Југославија, туку дека имаше помалку контрола на границите. Да почнеше некој во 1970 да нѐ соблекува на аеродром, мислам дека пола луѓе ќе добиеја инфаркт. Собување на обувките, отстранување на ремените... тоа едноставно не постоеше бидејќи дури во средината на седумдесеттите, по бранот тероризам, многу беа заострени мерките на границите. Таа тука навистина се намести“, заклучи Пуховски.

А историчарот Хрвоје Класиќ констатира дека изјавите на Грабар, за жал, се продукт на пристапот кон минатото во Хрватска во последните 30 години кој е црно-бел па сѐ што се случувало од 1945 до 1990 се оценува како црно, а сѐ во Хрватска по 1991 се оценува како бело.

А ни во едниот ни во другиот случај не беше така, порача Класиќ.

„Кога Черчил ги изговори зборовите за Железната завеса, Југославија навистина беше зад неа. Меѓутоа, веќе во следните неколку години, по судирот на Тито со Сталин, Југославија добива специфична позиција меѓу истокот и западот. Некогаш беше исток, некогаш запад, некогаш во исто време и исток и запад“, кажа Класиќ.

Истакна дека во моментот кога Колинда Грабар Китаровиќ се родила и растела Југославија сигурно не беше зад Железната завеса, за што всушност сведочи фактот што, за разлика од врсниците од Полска или Бугарија, таа можела да патува со црвениот пасош.

„И, што е уште поинтересно, таа можеше да патува без визи, поради што тој пасош беше на цена и веријатно еден од најфалсификуваните во светот. Не морам да кажам дека во Југославија холивудската елита снимаше филмови, што е само уште еден доказ дека не станувало збор за живот зад Железната завеса, што не зачи дека не станувало збор за живот во социјалистичка земја’, кажа Класиќ.



Copyright 2019 Falanga Сите права се задржани.
Текстот не смее да се печати или емитува, во целина или во делови без договор со Falanga.



Scroll To Top